Цитирајќи стихови од Блаже Конески и од помладиот поет Владмир Мартиновски, лидерот на Сириза и поранешен грчки премиер посочува дека прогресивното поглавје во земјава може да продолжи само со лидерот на СДСМ на чело на новата влада
Поранешниот грчки премиер, сега лидер на Сириза, Алексис Ципрас, денеска со видеопорака му изрази поддршка за изборите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со кого пред две години заедно го потпишаа Преспанскиот договор.
Цитирајќи стихови од Блаже Конески и од помладиот поет Владмир Мартиновски, посочува дека прогресивното поглавје во земјава може да продолжи само со Заев.
Во видеопорака, Ципрас истакна дека Заев и неговата партија отворија ново прогресивно поглавје во историјата на Северна Македонија, но и на европскиот Балкан и дека таквото поглавје базирано на соработка, економски напредок и социјална правда може да продолжи само со Заев на чело на идната влада во земјава.
„Пред две и пол години го запознав Зоран Заев. Го препознав во него истото она што го покажуваат многу други лидери. Дека тој не зборуваше за минатото, туку за иднината. Тој не зборуваше за проблеми, туку за решенија. Тој не ги изразуваше балканските несигурности на мала европска земја која се плаши да ја изгуби својата историја, тој ја искажа европската визија за самоуверена балканска земја која се бори за создавање историја. Не историја со војни, нетолеранција и сиромаштија, туку ново прогресивно поглавје во историјата на Европски Балкан, базирано на заемна почит, соработка, толеранција, економски развој и социјална правда. Иднина во ЕУ и во НАТО, како што избра народот на Северна Македонија“,
истакнува Ципрас во видео пораката.
Тој вели дека три години не се доволни за да се исполнат очекувањата на една земја, но, како што докажале Заев, Никола Димитров и социјалдемократите, доволни се за да ја сменат судбината засекогаш.
„Пред многу години, вашиот голем поет Блаже Конески напиша: ‘Уште рика истата мака во мене, дека сум роден во смачкано племе, сејач на глуво семе’ . Но, во последните две години откако го потпишавме Преспанскиот договор, слушам различна песна на надеж, од новата генерација на Северна Македонија. Владимир Мартиновски вели: ‘Купете две векни мир и семе, да го израснеме назад загубеното време.’ Па, и јас, заедно со оваа нова генерација, велам, на 15 јули, купете две векни мир и семе, да го израснеме назад загубеното време“,
порача Ципрас во својата видео порака.
Поврзани вести: Германскиот министер Рот се вклучи во изборната кампања-со видео порака му даде поддршка на Димитров