Во деновите кога се очекува Државната комисија за жалби по јавни набавки да одлучи во врска со жалбите на тендерот за набавка на апарати за биометриска идентификација што ќе се користат на локалните избори, од респектабилна невладина организација од Авганистан, според информации на „360 степени“, во ДИК пристигнало писмо во кое се предупредува за тамошното лошо искуство со „Дермалог“
Од ДИК не сакаат да коментираат за писмото, но велат дека компанијата, која единствена ги исполнила условите, има позитивна референца од овластено изборно тело во Авганистан
Набавката на системот на гласање со отпечаток од прст сè уште не е финализирана. Со неа, првпат на едни избори во државава, идентификацијата на гласачите треба да се врши преку терминали за препознавање на отпечаток на прст.
Комисијата за јавни набавки при Државната изборна комисија, кон средината на јули, ја избра германската компанија „Дермалог“ за доставувач на опремата, а претседателот на ДИК, Александар Даштевски, го прифати предлогот. Меѓутоа, процедурата не е завршена, бидејќи треба да се изјасни и Државната комисија за жалби по јавни набавки.

„Овие денови треба да одлучува второстепената комисија. По донесувањето на нејзината одлука, ќе имаме повеќе детали“,
вели Даштевски за „360 степени“.
И Оливер Ристовски, кој е претседател на Комисијата за јавни набавки и член на ДИК, очекува деновиве да има одлука од Државната комисија за жалби по јавни набавки, по што би можело да се потпише договор за реализирање на набавката. Тој не стравува дека нема да се стигне до изборите, кои најверојатно ќе се одржат на 17 октомври, бидејќи потсетува дека компанијата ќе има обврска во рок од 25 дена да достави 200 апарати или по два за секоја Општинска изборна комисија (ОИК) кои ќе се користат за обуки на членовите на избирачките одбори.
Компанијата „Демалог“ има искуство со изборите во Авганистан, парламентарните во 2018 г. и претседателските 2019 г. Деновиве, кога се очекува одлука за набавката, според информациите на „360 степени“, од Фондацијата Транспарентни избори во Авганистан (ТЕФА), која ги набљудува изборите во оваа држава, до институциите во земјава и до претставници на ДИК пристигнало писмо (по електронски пат) со предупредување за тамошното лошо искуство со „Дермалог“.
Претседателот на ДИК, Даштевски, не сакаше да го коментира писмото.
„Не можам да коментирам ништо додека не заврши постапката по жалби, а потоа ќе објаснам сè. Она што е официјално и што можам да го потврдам е дека Управната контрола која е завршена и во неа Бирото за јавни набавки не утврдило неправилности кои можат да влијаат на постапката, па оттука договорниот орган може да продолжи со истата согласно одредбите од Законот за јавни набавки. Тоа се факти од надлежните институции и доказ дека Комисијата работи законито и непристрасно“,
вели Даштевски.
Ристовски, исто така, вели дека не би коментирал за набавката (и писмото) додека сè уште трае жалбената постапката. Меѓутоа, она што го нагласува е дека „Дермалог“ има позитивна референца од овластеното избори тело во Авганистан.

„Услов за да учествувате на тендерот беше во документацијата да доставите референца од која било земја дека сте учествувале на избори. Конкретната компанија единствена ги исполни сите критериуми и достави референца дека учествувала на некои избори и таа беше позитивна од овластено тело“,
вели Ристовски, додавајќи дека изборот на компанијата се прави по јасни критериуми и бодувања.
И тој, како и Даштевски во претходните изјави, вели дека документацијата за набавката се објавува транспарентно на Бирото за јавни набавки.
Што предупредуваат набљудувачите од Авганистан?
Според нашите информации, писмото е потпишано од Наим Ајубзада, директор на Фондацијата Транспарентни избори во Авганистан (ТЕФА), која ги набљудувала сите изборни процеси во оваа држава, вклучително и споменатите во 2018 и 2019 година. Во писмото до институциите во Северна Македонија и до претставниците на ДИК, тој предупредува дека проектот за биометриска идентификација не бил толку успешен во Авганистан и наведува неколку спорни аспекти кои тие ги идентификувале како набљудувачи.
Според нашите извори, директорот на ТЕФА предочува дека имало проблеми со конфигурацијата на позадинските сервери, кои пружале лоша поддршка и имало целосно запирање на консолидацијата на податоците за верификација на гласачите што довело до тоа „Дермалог“ да прати и писмо со извинување.

Уште еден проблем на кој се укажува е тоа што на претседателските избори имало повеќе од 100 000 гласачи за кои не можело да се утврди дали гласале или не на што, како што се тврди во писмото, се должело на лошо дизајнираниот софтвер што, пак, фрлило сомнеж околу веродостојноста на целиот изборен процес.
Во 2018 г. половина од терминалите кои ги набавиле во Авванистан, наводно, не можеле да се користат, бидејќи се јавиле проблеми со софтверот и имало несоодветна обука на учесниците во изборниот процес. Исто така, од ТЕФА предупредуваат и оти германската компанија не обезбедила соодветна теренска поддршка, туку имала само двајца инженери во Независната изборна комисија на Авганистан (ИЕЦ).
Ајубзада го споменува ИЕЦ и во контекст дека бил целосно исклучен од изборот на понудувач, туку него го направила авганистанската влада преку неконкурентен и нетранспарентен тендер.

За да ја потврдиме веродостојноста на писмото и да дознаеме за мотивите за негово испраќање, „360 степени“ го контактираше претседателот на ТЕФА, Наим Ајубзада, но до моментот на објавување на текстот не добивме повратен одговор. Негови изјави со критики во врска со технологијата може да се пронајдат во повеќе медиумски извештаи.
На пример, по завршувањето на изборниот ден на претседателските избори во 2019 г., новинската агенција „Ројтерс“ пренесува негова изјава во која тој вели:
„Технологијата малку се подобри, па затоа не е толку лоша како на парламентарните избори“.
Фондацијата со која тој раководи ги мониторирала изборите во сите 34 провинции во Авганистан, а во изјавата вели и дека на апаратите им требале и по 10 минути за да идентификуваат еден гласач.
Системот ќе чини 11,2 милиони евра
Постапката за набавка на апарати за читање и препознавање отпечатоци од прст, следува по партискиот договор помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно опозицијата се закануваше дека ќе ги бојкотира изборите доколку гласањето не се спроведе со биометриска идентификација на гласачите.
Изборот на „Дермалог“ беше направен по распишување на вториот тендер од ДИК, откако првиот пропадна, официјално, поради грешки во тендерската документација.
Покрај германската, на тендерот конкурираа уште три компании. Понудата од „Дермалог“, како што објави „360 степени“, тежи 11,2 милиони евра (688 милиони денари) и иако беше предвидена аукција која би можела да ја симне сумата, таа не се случи. Причината, пишувавме, е што единствено германската фирма, според оценките на комисијата за јавни набавки во ДИК, ги исполнила сите услови, па не останал никој друг за да се натпреварува во негативно наддавање со кое потенцијално би се спуштила цената.
Во исчекување на одлуката на Државната комисија за жалби по јавни набавки, на веб-страницата на ова тело може да се пронајде податок дека во периодот од 17 јули, кога беше објавено дека е одбрана фирма понудувач, до денеска, пристигнати се две жалби за тендери кои биле распишани од ДИК. Едната од нив, според името на компанијата, упатува на тоа дека се однесува токму на набавката на системот за биометриска идентифилавија. Второстепената комисија ја примила на 31 јули, а е поднесена од компанија со името „Smart International Holding B.V.“.

На веб-страницата на оваа компанија пишува дека е основана во Флорида во 2000 година, по претседателските избори во САД, а себе си се претставува како глобален лидер за безбедни и транспарентни технологии за избори и гласање.

Меѓу последните вести објавени на веб-страницата на американската компанија е и онаа дека во првата половина на 2021 година нејзините технологии и услуги биле користени во седум изборни процеси на три континенти односно во седум држави: Обединетото Кралство, Бугарија, Албанија, Замбија, Уганда и САД.