Идејата што ја изнесе ДУИ за премиер Албанец во овие околности, кога веќе имаме одредени списоци на кандидати за пратеници и паузиран изборен процес, е популистичка и само за добивање ситни политички поени, смета лидерот на Беса, Биљал Касами.
Неговата реакција доаѓа откако Али Ахмети по повод 18 години од основањето на ДУИ порача дека е време за премиер Албанец.
„Фрлањето на оваа идеја во овој момент повеќе може да се толкува дека ДУИ ќе оди во опозиција и е со цел тие да се оправдаат пред своите гласачи дека не добиле премиер од своите редови и мора да одат во опозиција. Не е спорно дека Албанците во иднина може да имаат премиер во Северна Македонија, но тешко дека ова ќе биде кадар на ДУИ сè додека тие не се борат против криминалот и корупцијата во нивната партија. Албанците во Северна Македонија одамна се срамат да се идентификуваат со политиките и политичарите во рамките на ДУИ, кои газеа сè што е албанско за време на своите 18 години на власт. Сонцето не може да се покрие со сито, исто како што неуспесите на ДУИ не можат да бидат покриени со само фрлање идеја за албанскиот премиер во временскиот контекст и политичкиот моментум во којшто се наоѓаме сега“,
напиша Касами на Фејсбук.
Претходно реагираше и Алијанса за Албанците на Зијадин Села која порача дека Ахмети од една страна зборува за премиер Албанец, а од друга не го поддржа албанскиот кандидат за претседател и бегал на 27 април 2017 кога Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието.
И лидерот на СДСМ реагираше дека ако тоа е еден од условите на ДУИ, тогаш за оваа партија нема да има место во следната влада.
*Поврзани вести:
Ахмети: Време е за премиер Албанец
АА: Ахмети зборува за премиер Албанец, а бојкотираше албански претседател и бегаше на 27 април