Не може ДУИ да биде во проевропска коалиција колку и да сака да се прикаже дека е проевропска партија. ЕУ не прифаќа корумпирана партија, вели лидерот на БЕСА
За лидерот на Движењето БЕСА, Билал Касами, идејата за широка предизборна „проевропска“ коалиција во која би влегле партиите од власт плус Алијанса за Албанците, а можеби и БЕСА, е нереална, зашто во неа треба да биде и ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако зборуваме за концепт на широка коалиција која ги вклучува сите партии што се за забрзување на процесот за членство на нашата земја во ЕУ, не знам некој момент во кој ВМРО јавно кажала дека е против“,
рече Касами во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

На новинарска забелешка дека, според јавно промовираниот наратив, тоа би била коалиција на партии што ја прифаќаат актуелната Преговарачка рамка за ЕУ заснована на т.н. француски предлог, на што ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува, Касами коментираше дека интеграцијата на земјата во ЕУ не е поврзана со „актуелниот концепт“.
„За идејата за интегрирање во ЕУ како концепт и програмска определба, тоа го има и ВМРО. Затоа, уште еднаш велам, ако зборуваме за такво обединување, тогаш идејата треба да се прошири и со ВМРО“,
смета Касами.
Сепак, според лидерот на БЕСА, ова е уште еден обид да се дефокусира јавноста од реалниот проблем, а тоа е заробување на државата од ДУИ.
„Партнерот на таа политичка партија во 2016 и 2017 година беше симнат од власт преку неконвенционална интервенција, преку прислушувани разговори беше демаскирана целата корупција и криминалот на таа партија. Но, другиот дел, другата нога и рака на таа владина коалиција остана на власт. Денес не само Албанците, но најмногу Албанците, имаат проблем со истата таа политичка партија која беше партнер на Владата на Груевски“,
рече лидерот на Движењето БЕСА.
За Касами и ова е „обид за ПР на Артан Груби и ДУИ“.
„Не може ДУИ да биде во проевропска коалиција колку и да сака да се прикаже дека е проевропска партија. ЕУ не прифаќа корумпирана партија. ЕУ не прифаќа политичка партија каде само поединци и функционери на таа партија не одговараат пред судовите. Кажете ми еден случај каде е осуден или е во судска постапка некој функционер на ДУИ!? Единствените два случаи најдоа начини преку фатени обвинители и судии што ги криеја предметите во судските и обвинителските фиоки. Денес многу малку луѓе зборуваат за тие ситуации. Дури тие обвинители и судии кои ги криеја тие предмети денес се кандидати кои конкурираат за високи функции во правниот систем“,
вели лидерот на БЕСА.