Во интервјуто за весникот на албански јазик, лидерот на Беса се осврна и кон претстојните претседателски избори оценувајќи дека е дојдено време земјава да добие прв претседател Албанец. Идеален кандидат за оваа функција, според Касами, е претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој, како што рече, би бил прифатлив претседателски кандидат не само за албанската опозиција, туку и за сите граѓани на земјава
Лидерот на Беса, Билал Касами, кој е дел од коалицијата „Европски сојуз за промени“, во изјава за весникот „Лајм“ го обвини претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, дека во неделата насилно влегол во просториите на партијата и го прогласил партискиот лидер Арбен Таравари за предавник.
Во интервјуто Касами вели дека Села и некои луѓе околу него не го сакаат најдоброто за Алијанса за Албанците.
„Наместо да го прифатат предизвикот на претседателот на партијата, да го повикаат Централното собрание и на најдемократски начин да се донесе одлука која ќе биде во интерес на партијата, тие излегоа и го прогласија претседателот на партијата за предавник, го прогласија за страно тело. Ова што го гледаме деновиве мислам дека го покажува вистинското лице на некои поединци во Алијанса кои најмалку го сакаат најдоброто за Алијанса, најмалку го сакаат најдоброто за гласачите на опозицијата, најмалку го сакаат најдоброто за Албанците со овој пристап, кој го ценам за недемократски и нехуман“,
изјави лидерот на Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, во интервјуто за весникот „Лајм“.
Во интервјуто за весникот на албански јазик, Касами се осврна и кон претстојните претседателски избори оценувајќи дека е дојдено време земјава да добие прв претседател Албанец. Идеален кандидат за оваа функција, според Касами, е актуелниот претседател на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој, како што рече, би бил прифатлив претседателски кандидат не само за албанската опозиција, туку и за сите граѓани на земјава.
„Многу искрено разговаравме со Арбен за тој да биде кандидат за претседател. Ја знаеме неговата загриженост за овие случувања што се очекуваа во рамки на Алијанса. Сметам дека ова треба да заврши, а не да продолжи на ниво на закани и уцени. Посакувам секој да тргне по својот пат, ако смета дека е продолжение на Алијансата нека си го продолжи патот, нека го бара гласот на гласачите кон кои ќе се обрати. Во оваа насока, посакувам што поскоро да се расчистат сите дилеми во Алијанса и силно верувам дека Арбен Таравари може да биде многу добар кандидат за претседател не само на албанската опозиција, туку кандидат кој верувам дека би бил прифатлив за сите граѓани на С Македонија. Верувам дека С Македонија е подготвена за претседател Албанец со целосен политички мандат, а не како симболите што ДУИ ги понуди за овие 20 години со владеење што кулминираше со оваа техничка влада каде што имаме премиер Албанец, половина албанска влада, но Албанците се подискриминирани од кога било“,
додаде Касами во интервјуто за весникот на албански јазик.
Изјавата на Касами следува по раздорот во Алијанса за Албанците помеѓу актуелниот партиски претседател Арбен Таравари и поранешниот лидер и актуелен претседател на Централното собрание на партијата, Зијаден Села, околу настапот на партијата на претстојните избори. Таравари е за заеднички изборен настап на Алијанса со опозициските партии на Албанците, а Села се повикува на одлуката на Централното собрание на партијата според која АА треба има да има самостоен настап на изборите.