Во поканата е наведено дека пред членовите на Собранието како прва точка е извештајот на претседателот на партијата за политичките случувања поврзани со претстојните претседателски и парламентарни избори. Втората точка на дневен ред е разгледување на одлуката на Претседателството на партијата донесена на 24.10.2024 година во врска со настапот на партијата на парламентарните избори

Алијанса за Албанците в сабота ќе одржи седница на Централно собрание на кое на дневен ред се две точки.
Во поканата испратена денеска од службената електронска адреса на партијата се наведува дека во прилог е одлуката на претседателот на Централното собрание, Зијадин Села, од 03.02.2024 за свикување на Собранието на партијата кое ќе се одржи на 10.02.2024 година (сабота) во 13 часот во „Буши ресорт“ во Скопје, а во прилог е и поканата за седницата на која стои потпис од организацискиот секретар партијата, Исен Шабани.
Во поканата е наведено дека пред членовите на Собранието, како прва точка на дневниот ред ќе се најде извештајот на претседателот на партијата околу политичките случувања поврзани со претстојните претседателски и парламентарни избори. Втората точка на дневен ред е разгледување на одлуката на Претседателството на партијата донесена на 24.10.2024 година околу настапот на партијата на парламентарните избори.
Во одлуката на партиските органи од овој датум е наведено дека Алијанса за Албанците ќе оди самостојно на парламентарните избори.
Како што дознава „360 степени“, иако на Централното собрание в сабота нема ваква точка на дневниот ред, можно е по согледувањето на извештајот на претседателот да биде побарана негова одговорност.
Според Статутот на партијата, објавен на веб-страницата, претседателот на партијата го разрешува Конгресот со гласовите на две третини од присутните делегати на Конгресот. Во членот 83 се наведува и дека иницијатива за престанок на мандатот на претседателот покренуваат две третини од составот на Собранието на партијата.
Членот 85 од Статутот на партијата вели дека претседателот на партијата се разрешува во три случаи и тоа за тешка повреда на статутот и партиската платформа, ако е осуден на затвор за сторено кривично дело, во случај на доброволна оставка и во случаи кога неговото здравје го оневозможува вршењето на функцијата претседател.
Во саботата, лидерот на АА, Арбен Тарвари, на својот фејсбук-профил порача: „Промената започна. Големата промена треба да биде заедно со албанската опозиција. Знаев дека гласот на народот е за соработка со опозицијата“. Таравари објави и дека собира потписи за партијата на избори да оди со опозициските партии на Албанците.
На овие негови објави реагираше претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на партијата, Зијадин Села, кој рече дека и покрај одлуката на партиските органи за АА да оди самостојно на парламентарните избори, Таравари решил да оди спротивно на ова.
Села објави и дека ќе свика седница на ова партиско тело на која ќе се бара одговорност за претседателот на партијата, Арбен Таравари.
Поддршка за Таравари дадоа 19 члена од последниот состав на Академијата на Алијансата за Албанците, стратешко-советодавно тело одговорно за изградба на партиските политики.
„Изразуваме целосна доверба и безрезервно го поддржуваме лидерот на Алијансата за Албанците, д-р Арбен Таравари, на патот што го трасираше за да се направат сигурни промени во албанскиот политички блок“,
соопштија од Академијата.
По објавувањето на различните ставови за настапот на Алијанса за Албанците, кои се актуализираа изминатите денови, вчера пред куќата во која живее актуелниот градоначалник на Гостивар и лидер на АА, Арбен Таравари беше пронајден неиспукан куршум од автоматско оружје, а информацијата ја потврдија и од СВР Тетово.
Синоќа, пак, како поддршка за Таравари пред неговиот дом се собраа неколку стотици граѓани, негови поддржувачи.
Таравари сподели фотографии на неговиот фејсбук-профил, на кои се гледа како дел од присутните со запалени факели му изразуваат поддршка, а тој со мегафон им се обраќа на присутните.
Таравари одржал говор пред насобраните поддржувачи, порачувајќи дека сега повеќе од кога било е убеден во патот што го избрале, односно да се приклучат кон опозициските партии на Албанците.
„Пред неколку дена се случи како партиски лидер да имам право да го изразам слободното мислење, да кажам што мислам дека е најдобро за Алијансата на Албанците да го врати кредибилитетот на партијата и наидов на многу голема нервоза кај некои од членовите на Алијансата за Албанците, кои се главно функционери на Алијансата за Албанците, за кои не знам зошто толку се зближија со ДУИ и по секоја цена се обидуваат да ја задржат ДУИ на власт“,
рече Таравари пред присутните.
Тој додаде дека знаел оти гласот на народот е за соработка со опозицијата и дека тоа чувствувал секој ден преку разговор со шефовите на ограноците.
„Сега кога ја гледам поддршката на населението, сигурен сум дека мора да продолжиме на овој пат и да донесеме промени кај Албанците што е можно поскоро. Знам дека сега ќе се обидат да ме дискредитираат како личност, но мило ми е што го имам народот зад мене, правдата е со нас и најмногу што им треба на Албанците во овој период е да им донесеме промени кај Албанците и верувам дека во 8 мај ќе ја славиме големата победа во Тетово или Скопје“,
додаде Таравари.
Според него, речиси 70 отсто од членовите на партиското собрание позитивно одговориле на неговото барање или на неговиот предлог.
„Ве молам за смиреност, мудрост и третирајте ги тие што мислат поинаку од нас како наши пријатели затоа што сме биле заедно и можеме да бидеме заедно, верувам дека ќе ги надминеме овие несогласувања меѓу нас, но мора да се почитува ставот на мнозинството“,
рече Таравари во синоќешното обраќање пред насобраните поддржувачи пред неговиот дом во Гостивар .