Според Касами, партијата на Ахмети е во страв па затоа се свртела кон националистичка реторика
Претседателот на Движењето Беса и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, во интервју за националната Косовска телевизија РТК синоќа изјави дека се разговарало претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари да биде претседателски кандидат на опозициските партии на Албанците во Македонија.
„Да, разговарано е Таравари да биде кандидат за претседател и тој се смета за соодветен кандидат да биде кандидат Албанец на овие избори“,
изјави Касами.
Според Касами, партијата на Ахмети е во страв, па затоа се свртела кон националистичка реторика. Според него, прашањата за национализмот ќе се вратат силно само во влада на ВМРО-ДУИ.
„ДУИ ѝ се враќа на воената реторика, националната реторика. Оваа реторика не беше во последната кампања кога ДУИ имаше комодитет, се занимаваше со зелени кампањи, сега кога ја зафати паника, се врати на воената реторика. Верувам дека прашањата за национализмот ќе се вратат силно само во влада на ВМРО-ДУИ“.
рече Касами.
Четворицата партиски лидери, Билал Касами (Беса), Африм Гаши (Алтернатива), Изет Меџити (Демократско движење) и Арбен Тараваи (Алијанса за Албанците на 30 јануари во Приштина се сретнале со косовскиот премиер Албин Курти и со претседателот на парламентот на Косово, Глаук Коњуфца. Четворицата лидери од С Македонија, според соопштението од кабинетот на косовскиот премиер, предложиле следниот претседател на земјава да биде од редовите на Албанците, кој „ќе го отелотвори соживотот меѓу етничките групи и ќе го гарантира европскиот пат на Северна Македонија“.
На средбата присуствувал и Беким Ќоку, кој е советник на Курти. Ќоку, кој е од Струга, во минатото беше член на Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи, а потоа и на Алијанса за Албанците. Тој сега е член на партијата на косовскиот премиер – Самоопределување.