Додаваат и дека Алтернатива, Беса, Демократското движење, Алијансата за Албанците и Самоопределување ќе останат трајно во меморијата на албанскиот народ како политичките фактори што ја поразиле ДУИ

На ДУИ ѝ поминаа две децении на власт, во тендери и апашлак, па очигледно не ѝ останало време да ги научи законите. Вака попладнево реагираат од партијата Влен, која е дел од владејачкото мнозинство, откако претходно од ДУИ обвинија дека измамата се продлабочува, и оти Алтернатива фигурира како посебна партија со променет лидер.
„Откако не им помина приказната за Беса, сега се фатија за Алтернатива, а никако да откријат дали ДУИ навистина ја води Али Ахмети, Бујар Османи или Артан Груби од куќен притвор“,
се вели во соопштението од Влен.
Оттаму додаваат дека Влен на локалните избори не настапила како регистрирана политичка партија, а соединување на повеќето субјекти е резултат на правата и обврските што произлегле од изборниот процес со победата во десет општини.
„Токму затоа преминувањето на петте политички фактори во Влен како единствена партија се одвива во фази, во согласност со законите и постапките што ги налага регулативата. Тука нема никаква тајна и никаква измама. Има само законска постапка што ДУИ или не ја разбира или намерно се преправа дека не ја разбира за да произведува евтина пропаганда“,
велат од Влен.
Додаваат и дека Алтернатива, Беса, Демократското движење, Алијансата за Албанците и Самоопределување ќе останат трајно во меморијата на албанскиот народ како политичките фактори што ја поразиле ДУИ.
Од партијата велат и дека ќе го пратар во трајна политичка пензија нереформираното раководство од Мала Речица, кое функционира како политбиро.
Претходно денеска од Демократската унија за интеграција (ДУИ) упатија нови обвинувања кон Влен, тврдејќи дека се претставува како единствен политички субјект, а партијата Алтернатива и понатаму продолжува да се појавува како активен политички субјект во Централниот регистар.
Повикувајќи се на документи од Централниот регистар, од ДУИ велат дека тие откриваат уште еден скандал, односно дека како нејзин претседател е запишан Зекирија Бериша.
Според интегративците, Бериша е шеф на кабинет на првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, а за неговото назначување за прв човек на Алтернатива не било информирано ниту членството на партијата, ниту јавноста.
Од ДУИ минатата недела, повикувајќи се на документи од Централниот регистар, излегоа со тврдења дека и партијата Беса, која се фузира во Влен, продолжува да фигурира како активен политики субјект, со Билал Касами како нејзин претседател.
