Повикувајќи се на податоци од Централниот регистар од 17 август годинава, од ДУИ велат дека движењето Беса и понатаму се води како активна политичка партија, со Билал Касами како нејзин претседател
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) обвини дека Влен измамила со тоа што пред граѓаните се претставува како единствен политички субјект, кој прерасна од коалиција на четири партии. Повикувајќи се на податоци од Централниот регистар од 17 август годинава, од ДУИ велат дека движењето Беса и понатаму се води како активна политичка партија, со Билал Касами како нејзин претседател.

„Измама е нивната кауза. Измама е нивната организација. Измама е и таканареченото спојување во една партија. Партиите, претседателите, печатите и личните интереси продолжуваат да постојат одделно. Сè околу нив е изградено врз измама: се претставија како промена, а донесоа деградација, ветија застапеност, а произведоа исклучување, го побараа албанскиот глас и го употребија за слабеење на албанскиот политички фактор“,
велат од ДУИ.

Обвинија дека Влен е инженерски создадена структура за расцепкување на албанскиот глас, намалување на неговата политичка тежина и предавање на одлучувањето во рацете на други центри на интерес.
