Зборувајќи за грешките на СДСМ од минатото и за тоа како партијата треба да се постави и да делува во иднина, Каранфилова-Пановска нагласува дека нема да глумат патриоти, туку „ќе докажеме дека сме патриоти низ заедништво, почит кон граѓаните, доследност на нашите политики, себепочитување и спроведување инклузивни политики, кои носат напредок“
СДСМ иницираше погрешни политики и направи многу грешки во делот на справувањето и санкционирањето на корупцијата, не обезбеди пристојни јавни услуги за граѓаните, имаше лоши кадровски решенија, особено во вториот и во третиот ешалон на власта, имаше многу клиентелизам. Едноставно и многу важно, СДСМ заборави на некои клучни ветувања, како она носечкото „Нема правда, нема мир“ од Шарената револуција, на бранот на чии надежи и очекувања дојде на власт, вели во интервју за неделникот „Фокус“ Фани Каранфилова-Пановска, заменик-претседателка на СДСМ.
Зборувајќи за грешките на СДСМ од минатото и за тоа како партијата треба да се постави и да делува во иднина, Каранфилова-Пановска нагласува дека нема да глумат патриоти, туку „ќе докажеме дека сме патриоти низ заедништво, почит кон граѓаните, доследност на нашите политики, себепочитување и спроведување инклузивни политики, кои носат напредок“.
Таа смета дека владата на СДСМ не посветила доволно внимание на обезбедување широк општествен консензус околу преговарачката рамка со ЕУ. Во тој контекст, додава заменик-претседателката на СДСМ, отсуствуваше квалитетна и разбирлива комуникација кон граѓаните за приближување на пристапниот процес во ЕУ и неговата важност за домашните реформи и трансформацијата на општеството.
„СДСМ не смее да си дозволи потфрлања во носечките столбови на социјалдемократската идеја, исто како што мора сериозно да стои и да го спроведува принципот на заслуги заради квалитет, компетенции и стручност во селекцијата на кадрите што ќе работат на креирањето и реализацијата на политиките. СДСМ добивал секогаш кога бил доследен на вредностите на својата опција, дури и тогаш кога држењето до своите вредности и храбри лидерски одлуки оделе и контра расположението и мислењето на мнозинството македонски граѓани. Што е уште поважно, само тогаш добивала и Македонија како држава и општество и на таквите државнички одлуки треба да бидеме горди и не смееме да релативизираме“,
вели Каранфилова-Пановска потсетувајќи на првиот Устав, членството во ОН под привремената референца ПЈРМ, Рамковниот договор и Преспанскиот договор, додавајќи дека на долг рок така ќе бидат вреднувани и ценети и Договорот за добрососедство со Бугарија и прифаќањето на сегашната Преговарачка рамка со ЕУ.
Таа нагласува дека СДСМ не може и не смее да биде ВМРО-ДПМНЕ, „чија автентичност е базирана на силна националистичка реторика во старомоден стил, главно со неодговорно ширење празен популизам“.