Близу 43 проценти од кандидатите се жени, доминира возрасната група од 30 до 49 години, а Битола е општина со најмногу претенденти за пратеничко место (99)…
За 15 политички субјекти со вкупно 1 578 кандидати од утре почнува кампањата пред изборите за 120 пратеници во десеттиот состав на македонското Собрание.
Реалната бројка на кандидати, всушност, е 1 560, со оглед на тоа што не се исполнети условите за гласање во дијаспората, за каде што шест политички субјекти доставија листи со по три кандидати. Со тоа, 18 од можните кандидати се, практично, дисквалификувани.
На овие избори евидентна е поголема застапеност на жените од претходно на кандидатските листи за пратеници. Според статистиката на ДИК, близу 43 проценти од кандидатите се жени.
Во делот на „соодветна“ родова застапеност предничи СДСМ, односно коалицијата „Можеме“, на чии листи 47,97 проценти се жени, иако партијата првично најавуваше распоред пола-пола. На листите на ВМРО-ДПМНЕ, односно коалицијата „Обнова“, пак, жените се застапени со 41, 46 отсто.

Според годините, најголем број од кандидатите за пратеници во новиот собраниски состав се на возраст од 30 до 49 години, а потоа е возрасната група од 50 до 64 години.

Најголем број од кандидатите (52) имаат по 30 години, а највозрасниот кандидат има 81 година.

Со 99 кандидатури, Битола е општина со најголем број претенденти за пратеничко место. Следуваат скопските општини – Центар (93), Аеродром (80), Карпош (74), Чаир (72), Кисела Вода (60)… Од Куманово се 78 од кандидатите за пратеници, од Тетово 62, Прилеп (61), Штип (42) Охрид (41)…

На овие избори учествуваат четири коалиции. Покрај коалициите на СДСМ (Беса) и на ВМРО-ДПМНЕ, за заеднички настп се определија и Алтернатива на Африм Гаши и Алијансата за Албанците на Зијадин Села, додека вонпарламентарните Единствена Македонија и ФРОДЕМ формираа коалиција наречена „Никогаш Северна – секогаш Македонија“.
Со исклучок на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните партнери, како и ДУИ и ДПА, за значителен број од учесниците ова се први или евентуално втори парламентарни избори на кои учествуваат.
Дел од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ, предводено од Петар Богојески, обезбеди учество на овие избори преку Социјалдемократската унија, што ја формираше своевремено Лазар Еленовски. Десеттите парламентарни избори се прв изборен тест за Глас за Македонија на Солза Грчева, за Интегра на Љупчо Ристевски, како и за Твоја партија на Александар Тортевски. По вторпат на парламентарни избори, пак, учествуваат Алијансата за Албанците и Беса/Алтернатива, како и Левица.
Поврзани вести: Анализа на кандидатурите на СДСМ: изненадувањата се кријат подолу на листите
Новиот собраниски состав треба да биде конституиран до 5 август, односно во рок од 20 дена по изборите. Со оглед на ситуацијата со ковид-19 и посебните мерки за заштита кои важат и за кампањата и за гласањето, 10. состав на македонскиот парламент, исто така, ќе почне да заседава под посебни услови, односно пленарните седници ќе се одржуваат во друга (попросторна) сала, така што и гласањето ќе биде со кревање рака.