Во случај да се зголеми бројката на пратеници што се во изолација, во наредниот период би можело да биде доведено во прашање донесувањето на ребалансот на буџетот и на задолжувањата што треба да се спроведат со цел надминување на последиците од епидемијата
Анализа на Парламентарниот институт укажува дека националните парламенти во ЕУ усвоиле различни пристапи за алтернативно функционирање во услови на пандемија. Некои се одлучиле за целосен дигитален пристап, а други за мерки за социјално дистанцирање
На денешната редовна координација на спикерот Талат Џафери со координаторите на пратенички групи ќе се бараат модалитети за понатамошното функционирање на парламентот во услови на епидемија, откако искрсна новата „вонредна ситуација“ со двајца пратеници од мнозинството кои се позитивни на ковид-19.
Засега не се создадени формални услови за и македонскиот парламент да функционира онлајн, на што се противи и опозицијата, наспроти искуствата во други европски земји кои во изминатите месеци усвоија различни пристапи за непречена работа на законодавната власт во услови на пандемија на коронавирус.
Според анализата на Парламентарниот институт во македонското Собрание, начинот на организирање на парламентарната функција варира од држава до држава:
На почетоците на ковид-кризата во земјава, македонскиот парламент не функционираше затоа што тогашниот состав беше распуштен уште на 16 февруари. Набрзо, пак, по изборите и конституирањето на новиот собраниски состав, кој сега заседава во друга сала, со цел да се обезбеди поголемо растојание меѓу пратениците, беше најавена платформа за онлајн-работа на законодавниот дом.
Во меѓувреме, се случи првото осипување на парламентарното мнозинство, за време на изборот на новата влада, кога пратеникот на ДУИ, Арбен Зибери, како суспектен на ковид-19 гласаше во посебна кабина.
Викендов, пак, беше потврдено дека дека двајца пратеници од мнозинството се позитивни на ковид-19, така што времено се спречени да ја извршуваат пратеничката функција. Со тоа се доведено во прашање нормалното функционирање на парламентот во наредниот период и капацитетите на мнозинството да обезбеди кворум за работа.
Според министерот за здравство Венко Филипче, пратениците треба да се реорганизираат и да работат од дома, додека не стивне пандемијата.
Но опозициската ВМРО-ДПМНЕ од старт се спротивставува на можноста парламентот да заседава од далечина, со образложение дека тоа би било противуставно.