Само три дена агресивна кампања на неколку портали и платформи на социјални мрежи познати по нивните тенденциозни објави беше доволно населението да биде контаминирано од предрасуди и лаги.
Вака почнува анализата „Како се рашири епидемијата на лаги за 5Г технологијата“, направена во рамки на проектот Борба против лажни вести и наративи (F2N2), независен проект на Граѓанската асоцијација МОСТ.
Како пример за жртви на манипулацијата со јавното мислење се посочува репортажа објавена кон средината на април на една локална телевизија, која е направена во Општината Чешиново-Облешево и во која репортерот ги анкетира граѓаните за тоа што мислат зошто ластовичките се уште не се дојде или ги има во само мал број.
„Ставија 5 гига како се вика тоа 5 Џи и луѓето почнаа да умираат”, е само еден од одговорите во анкетата.
Меѓутоа како и кога дојде до тоа граѓани да бидат жртви на малипулација?
F2N2 анализира дека временскиот интервал на ширењето на лажните вести и дезинформации се поклопува со периодот на финализација на членството на земјава во НАТО.
„Три дена пред официјализирањето на полноправното членство на Северна Македонија во НАТО, на 25 март на социјалните мрежи започнува масовна кампања за тоа дека здравјето на граѓаните е изложено на штетното зрачење на 5G технологијата. Во контекст на овој лажен наратив злоупотребена беше информацијата дека членството во НАТО подразбира и исполнување на сите стандарди на организацијата меѓу кои е и воспоставувањето на безбедни комуникации вклучувајќи ја и 5G технологијата доколку е воспоставена во било која од земјите членки на Алијансата“,
пишува во анализата.
Како еден од низата примери, се посочува објава од 26 март во група на Фејсбук насловена како „Фармери“. Таму се објавиле фотографии од мртви птици, по што следеле коментари дека причината за тоа е 5Г технологијата. Објавата со фотографии, но и коментари со акцент на 5Г, понатаму била преточена во „новинарско истражување“ кое осамнало на 16 портали. Насловите со мали варијации, наведуваат од F2N2, изгледале вака: “ШТО СЕ СЛУЧУВА?: Помор на птици низ Македонија – фармерите алармираат на опасност”.
Наративот, според анализата, се засилува на 27 март – денот на официјализирањето на членството во НАТО кога во објавите повеќе не провејува дилема за штетноста на 5Г, а се забележуваат и објави на стари вести, како таа од 2018 дека „Македонски Телеком ја активира пробната 5Г мрежа“. Веста е точна, но е стара, а во објавата на порталот од тој ден нигде не се наведува дека станува збор за вест од 2018. Во фонот на конспирацијата за 5Г технологијата, случајно или не, тој ден на друг портал се појавува уште еден наслов од 2019 со наслов „Столтенберг: Државите кои се приклучуваат на НАТО како Македонија мора да имаат 5Г мрежа”.
Понатаму, се наведува во анализата, дека ширењето на пропагандата било во комбинација на портали и групи и профили на социјалните мрежи.
„За да го добие посакуваниот ефект на дезинформативната кампања паралелно со објавите на лажните вести во функција се ставаат Фејсбук групи и профили на поединци. Порталите кои ги објавуваат вестите на овој начин постигнуваат значителен број на споделувања на тие ФБ страници“,
анализира F2N2.
Анализата во целост и со графички прикази можете да ја прочитате ТУКА.