Политиката на блокада на Мицкоски е само копија на оригиналот и очигледно дека има структури во ДПМНЕ кои не се задоволни од него. За Никола Груевски нема да има амнестија и ќе биде уапсен во истиот моментот кога ќе стапне во земјава. Но, нема дилема дека Груевски сепак е вистинскиот лидер на ДПМНЕ, и затоа Мицкоски е толку нервозен, вели портпаролот и пратеник на СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ се соочува со големи внатрепартиски проблеми и СДСМ нема намера да се меша во тие пресметки. Ова денеска на прес-конференција го истакна портпаролот на СДСМ и пратеник во Собранието, Дарко Каевски, а реакцијата доаѓа откако вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го обвини својот претходник Никола Груевски дека е во тајна комуникација со Владата со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени.
Каевски рече и дека нема да има амнестија за поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и оти тој ќе ќе биде уапсен во истиот моментот кога ќе стапне во земјава.
„Внатрепартиските проблеми во ДПМНЕ очигледно се големи. СДСМ нема намера да се меша во меѓусебната пресметка во ДПМНЕ и анти-ЕУ кампот. Мицкоски да не остави надвор од внатрешните поделби и сам да си ги решава кавгите во ДПМНЕ. Особено што токму Христијан Мицкоски треба да одговори за диловите со Груевски“,
рече Каевски.
Тој упати и прашање до Мицкоски од кого бара одговор дали всушност на овој начин, како што рече, ги прикрива барањата за амнестија на неговите сопартијци, заради незадоволство од него.
„Политиката на блокада на Мицкоски е само копија на оригиналот и очигледно дека има структури во ДПМНЕ кои не се задоволни од него. За Никола Груевски нема да има амнестија и ќе биде уапсен во истиот моментот кога ќе стапне во земјава. Но, нема дилема дека Груевски сепак е вистинскиот лидер на ДПМНЕ, и затоа Мицкоски е толку нервозен“,
рече Каевски.
Тој додаде дека СДСМ ќе направи се и нема да дозволи, како што рече, Мицкоски или кој било повторно да ни ја земе државата како заложник.
„Заедно со граѓаните и со проевропските политички партии ќе продолжиме да се бориме за европска Македонија додека не ја достигнеме државната цел за членство во ЕУ“,
додаде Каевски.
„Војната“ меѓу Мицкоски и Груевски почна вчера, откако актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ го обвини својот претходник Никола Груевски дека е во тајна комуникација со Владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени.
На ова, Груевски веднаш преку својот фејсбук-профил објави реакција и побара од Мицкоски да изнесе докази дека тајно комуницирал со Владата за уставните измени. Груевски напиша дека очекува одговорот на Мицкоски да биде јасен, недвосмислен, директен и личен исто како и изјавата, без, како што вели тој, префрлање изјави на претставници на партијата, портпароли, давање брифинзи на портали или други медиуми со кои има блиска соработка.
Реакциите продолжија и денеска откако прво ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение ја продолжи „војната“ против поранешниот премиер од редовите на оваа партија, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски, велејќи дека со усвојувањето на измените во Кривичниот законик власта планира да му вети кривична неказнивост на експремиерот за тој да се врати и да го обезбеди потребното мнозинство во парламентот за усвојување на уставните измени.
Потоа следуваше писмена реакција и од Мицкоски, кој на Фејсбук напиша дека му е жал што Груевски се одлучил на чекорот да прави јавна пародија и да служи за дефокус од криминалот на оваа власт. Тој додаде „еден ден, кога ќе се видиме очи во очи, ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш“.
Денеска и Антонијо Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, на прес-конференција изјави дека власта на чело со Ковачевски и Ахмети преговарала амнестија за Груевски со цел тој да влијае на поделбите во ВМРО-ДПМНЕ и евентуално да им помогне да се изгласаат уставните измени.
„Измените во кривичниот законик, не се случајни, имаат двојна цел, првата е да се амнестираат функционери од актуелната власт, кои во изминативе години, за жал, ја ограбуваа државата и второ да се влијае на процесите кои се однесуваат на Груевски“,
рече Милошоски.
За измените на Кривичниот законик, според Милошоски, се разговарало уште пред осум месеци, кога била воспоставена комуникацијата со Будимпешта и во преговорите, како што тврди тој, биле вклучени високи претставници на СДСМ и еден министер од редовите на ДУИ.
„Имаме сериозни индиции и документација за преговорите кои претставниците на СДСМ и ДУИ ги имале со поранешниот премиер во Будимпешта и писмена документација тука во Македонија“,
изјави Милошоски одговарајќи на новинарско прашање.