Вангеловски тврди дека бил во право што не ѝ исплатил додаток на плата на поранешната судијка, обвинувајќи ја и дека не заслужувала ниту плата поради неоправданото отсуство од работа. Тоа беше и една од причините поради кои тој поднесе претставка, а Судскиот совет ја разреши Неделкова
Неделкова, пак, обвинува дека токму за периодот, за кој Вангеловски тврди дека заминала од државата без да има оправдување и не одела на работа, тој ѝ исплатил додаток на плата и најавува докази на следните рочишта
Двајцата поранешни претседатели на Врховниот суд, Јово Вангеловски и Лидија Неделкова, денеска повторно се соочија во судница, но и пред камерите, за судскиот процес во кој Вангеловски е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Неделкова се јавува како оштетена.
Вангеловски е обвинет дека во 2018 не ѝ исплатил додаток на плата во износ од 31 839 денари за ноември, иако, според обвинителството, таа во тој период не користела отсуство од работа.
На денешното рочиште, пак, Вангеловски бараше да се изведат докази дека судијката била неоправдано отсутна, односно бараше судот да се обрати до МВР и до Врховен, бидејќи, според него, има известување до судот, добиено на негово барање како претседател, дека Неделкова преку скопскиот аеродром ја напуштила државата и се вратила по 4-5 дена, без да го извести судот за отсуството. Во тој период, тврди Вангеловски, таа била член на жалбен совет кој одлучувала по жалбите во врска со референдумот за уставните измени кои се од итен карактер, а поради нејзиното отсуство во судот морало да се одржи вонредна седница за да се назначи заменски судија.
Ова беше и една од причините поради кои експретседателот на Врховен покрена постапка за одговорност на Неделкова пред Судскиот совет, а кој минатиот месец донесе одлука да ја разреши.
Неговата одбрана бараше и токму разрешувањето да го користи како доказ, но судот ценеше дека тоа не е во интерес на прибирањето докази и нагласи дека во списите има доказ – одговор од Врховен според кој во писмената евиденција во највисокиот суд не е заведено какво било отсуство.
Сепак, по предлог на Вангеловски, судот ќе го сослуша и него, но и Неделкова, а тоа поранешниот прв човек на Врховен смета дека ќе биде доволно да се утврди дека оправдано не ѝ исплатил додатоци.
„Од сослушувањето ќе произлезе можноста за правилно утврдување на фактичката состојба, дека токму оштетената била таа која неуредно ги извршувала своите обврски во судот како судија и која без одобрение ја напуштила државата во период во кој морала да биде присутна како член на советот за одлучување по жалби и дека токму поради тоа е одлучено од моја страна како тогашен претседател на Врховен, да не ѝ биде исплатен додаток на плата. Се работи за нејзино отсуство од работа кое е причина и за нејзиното разрешување и тоа има една јасна корелација. Постапката за утврдување на одговорност водена од страна на Судскиот совет врз основа на мое барање е причина поради која нејзе не ѝ се исплатени додатоци на плата“,
изјави Вангеловски пред медиумите.
Кој не ја заработил ни платата, а кој не доаѓал на работа
Тој вели дека на Неделкова не требало да ѝ се исплати ниту плата, а не пак додатоци. Дополнително, додаде и дека таа одбивала работни обврски.
„Нејзе не би требало да ѝ биде исплатена ниту плата за периодот на неоправдано отсуство од работа, како и за неосновано одбивање на работни обврски, цел еден оддел од Врховниот суд беше во застој поради нејзиното одбивање да работи предмети од тој оддел“,
рече Вангеловски.
Меѓутоа, Неделкова ги отфрла сите тврдења на Вангеловски. Прво, порача дека обвинението се однесува за додаток на плата за ноември 2018, додека тоа што го зборува поранешниот претседател е за месец октомври 2018, за кој тој всушност ѝ исплатил додаток.
„Слушнавте дека е за период кој нема никаква врска со обвинението. Во дополнение на доказната постапка ќе доставам доказ дека токму за октомври месец за кој тој зборува, а кој не е ни предмет на обвинението, ми исплатил со решение додатоци на плата. Прво, претседателот на судот не може да му скрати плата на никого, додатоците може ама тоа да биде оправдано. Се тоа е едноставно негова игра. Не беше само ова, тој цело време се занимаваше со мене, тоа беа лични причини. Сите го знаеме од предметот Кочан па натака, од март 2017 континуирано го правеше тоа. Но, заборави да каже дека всушност тој ми забрануваше да работам предмети со писмени одлуки и тоа ќе ви го покажам за да видите за што станува збор“,
најавува Неделкова.
Обвинувањата од Вангеловски дека не работела ја испровоцираа Неделкова, па таа во изјава за медиумите возврати дека во периодот кога таа беше претседателка на Врховен, а тој судија, речиси и да не доаѓал на работа.
„Не сакам да се претставувам како жртва, иако сум жртва во предметот, јас во два мандати бев претседателка на двата најважни суда, Кривичниот и Врховниот, па дури и нему му бев претседател во кое време, ќе кажам зашто ме повлече за јазик, тој на работа доаѓаше максимум два работни дена и секогаш имаше изговор дека има некои приватни работи. Мислам дека веќе зборуваме за некои лични работи кои не смеат да бидат предмет на оценка на јавноста затоа што немаат врска ни со кривично-правен настан ниту со постапување на работа“,
рече Неделкова.
Судијката тврди Вангеловски ја напаѓал од лични причини, но и со цел да им покаже на другите како ќе се донесува кон нив доколку не го слушаат.
Сослушувањето на двајцата поранешни судии треба да се случи на наредното рочиште кое судот го закажа за 20 април.
Овој судски процес, по обвинение од ОЈО Скопје, започна на 25 септември лани.
Инаку, одлуката за разрешување на Неделкова, која Судскиот совет ја донесе минатиот месец, сè уште не е правосилна. Откако таа ќе ја добие на писмено, планира да поднесе и жалба до Совет за жалба во Врховен.
Вангеловски, пак, е правосилно разрешен веќе една година. Причината за неговото разрешување е несовесно вршење на функцијата, затоа што тој и уште двајца други судии го „ослободија“ бизнисменот Сеад Кочан од притвор и му овозможија да се брани од слобода, во момент кога тој беше во бегство.