Според информациите што ги објави Си-ен-ен, во земјотресот загинале повеќе од 200 луѓе, додека колумбиската влада прогласи состојба на национална катастрофа. Најмногу загинати засега се регистрирани во Переира, град во колумбискиот регион познат по одгледувањето кафе, на околу 55 километри од епицентарот на земјотресот

Епицентарот на еден од најсилните земјотреси што во последните години ја погодил Колумбија е на околу 240 километри западно од главниот град Богота, во рурална планинска област во близина на гратчето Сан Хосе дел Палмар, кое брои околу 4 800 жители. Земјотресот беше со магнитуда од 7,4 степени.
Тамошниот градоначалник соопшти дека таму неверојатно нема ниту загинати ниту повредени, иако патиштата што водат кон местото се тешко оштетени.
Најмногу загинати засега се регистрирани во Переира, град во колумбискиот регион познат по одгледувањето кафе, на околу 55 километри од епицентарот на земјотресот.
Светските лидери нудат помош
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Соединетите Американски Држави ја следат ситуацијата и дека се подготвени да помогнат. Обединетите нации предупредуваат дека распределбата на храна ќе биде клучна во следните денови, со оглед на предвидувањата за пораст на бројот на исчезнати.

Европската Унија издвои 100 000 евра за поддршка на итните операции на терен по земјотресот што ја погоди Колумбија, додека истовремено се мапираат потребите за дополнителна помош.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека во операциите за спасување е вклучен европскиот сателитски систем „Коперникус“.
Колумбиските власти побараа дополнителна помош од ЕУ, а Европската комисијата собира информации за размерот на катастрофата и за тоа што е потребно на самото место.
„Нашите мисли се со жртвите, нивните семејства, повредените и сите погодени“
изјави високата претставничка на ЕУ, Каја Калас.
Над 200 загинати
Според информациите што ги објави Си-ен-ен, во земјотресот загинале повеќе од 200 луѓе, додека колумбиската влада прогласи состојба на национална катастрофа.

Бројот на повредени сè уште не е познат, но се претпоставува дека се работи за стотици лица. Многу згради се урнаа, а многумина останаа заробени под урнатините во градовите Переира и Кали. Голем број домаќинства останаа без струја, интернет и комуникации.
Токму градот Кали, трет по големина во Колумбија со околу 2,7 милиони жители, е значително погоден од земјотресот.
Необичен земјотрес
Колумбија се наоѓа вдолж сеизмички исклучително активниот пацифички огнен појас и бележи илјадници, главно помали, земјотреси месечно. Според тврдењата на експерти, овој се случил на длабочина од стотина километри, поради триење на два блока од Земјината кора што се лизгаат хоризонтално еден покрај друг. Тоа е втор земјотрес во тој дел на Јужна Америка, еден месец по земјотресот во Венецуела, каде што настрадаа илјадници луѓе и беа разурнати десетици илјади објекти.
„Тоа е необичен земјотрес бидејќи во субдукциските системи обично очекуваме големо триење на границата, односно онаму каде што се судираат океанската и континенталната плоча. Значи, ако ги споите рацете и се обидете да поместите една нагоре, а друга надолу, ќе почувствувате топлина, енергија. Истото се случува на таа граница. И тоа се некои од најсилните забележани земјотреси досега. А овој беше необичен бидејќи се случи на длабочина меѓу 90 и 100 километри, но внатре во субдукциската плоча“,
изјави Родриго Алехандро Леон Лоја, сеизмолог од Универзитетот на Андите.

Нарушен авиосообраќај
Поради земјотресот, привремено е прекината работата на неколку аеродроми во Колумбија, што го наруши авиосообраќајот во целата држава, но и во други земји. Илјадници патници останаа на земја и со неизвесна перспектива кога ќе се нормализира авиосообраќајот.
