Во превенцијата на насилството, според Сиљановска-Давкова, потребен е системски пристап кој ќе ги вклучи образованието, културата, музиката, филмот, драмата и спортот
Министерката Јаневска истакнала дека семејството е еден од значајните фактори за појавата на агресивно однесување, но дека влијание имаат и медиумите и дигиталниот простор

Шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска, денеска во претседателската вила „Билјана“ во Охрид дебатирала со млади на тема насилство и вандализам.
Претседателката соопшти дека настанот го организирал Советот за млади, а учествувале младински активисти студенти, ученици и стручни лица од училишта.
„Младите не се само иднината, туку и сегашноста, а нивното активно учество во општеството е предуслов за подобро разбирање, навремено спречување и решавање на проблемите врзани за насилството. За мене, вистинското, а не виртуелното дружење, непосредната, а не дигиталната комуникацијата имаат незаменлива вредност, а љубовта, почитта и мировната култура се учат од најрана возраст“,
објави таа.
Средбата е во пресрет на 12 Август – Меѓународниот ден на младите. Се разговарало за примената на постојниот Протокол за постапување во училиштата, поддршката за жртвите и пристапите за промена на однесувањето на насилниците, како и за можните политики за ограничување или регулирање на користењето на социјалните мрежи кај децата и младите.
Во превенцијата на насилството, според Сиљановска-Давкова, потребен е системски пристап кој ќе ги вклучи образованието, културата, музиката, филмот, драмата и спортот.
„Мораме систем да создадеме….Сите треба да се активираме за да градиме култура на разбирање, мировна култура, наместо култура на страв… Спорт, музика, култура, активност – нема поважни средства за ангажирање и, ако сакате, за демилитаризација на мислите кои што се присутни на мрежите или, ако сакате, за миротворство“,
порача Сиљановска-Давкова.
Министерката за култура Весна Јаневска истакна дека смета оти агресијата меѓу младите станува сè побрутална, особено фактот што насилството не само што се гледа, туку се снима и објавува на социјалните мрежи.
Таа посочи дека семејството е еден од значајните фактори за појавата на агресивно однесување, но дека влијание имаат и медиумите и дигиталниот простор. Во таа насока, Министерството за образование и наука, заедно со Комората на психолози, спроведува обуки за наставниците за препознавање на раните знаци на агресија и проблеми во семејството, досега опфаќајќи 30 општини.
