Досегашната судијка во Врховниот суд, Лидија Неделкова, која денеска беше разрешена од функцијата, смета дека нејзиното разрешување е тенденциозно.
„Очигледна е една политичка, лична комбинација на тоа да бидам разрешена и едноставно да не пречам веќе во судството“,
изјави Неделкова откако на седницата на Судскиот совет беше презентиран предлог за нејзино разрешување.
Претставката против неа ја поднесе експретседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој исто така беше разрешен.
Покрај одлуката да биде разрешена, Судскиот совет одлучи и времено отстранување од функцијата судија, односно додека одлуката да стане правосилна. Одлуката ќе стане правосилна откако ќе се произнесе и Советот за жалби во Врховниот суд, каде што Неделкова најави дека ќе поднесе жалба.
Вангеловски претставката ја заснова на три точки, а разрешената судијка, пак, тврди дека тоа е тенденциозно и нема основа. Дури тврди и дека во извештајот на комисијата составена од тројца членови на Судскиот совет, а која го работеше овој предмет, не само што нема докази туку има и неточни работи.
За разлика од неа, пак, претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, изјави дека едногласно било одлучено таа да се разреши.
„Разрешувањето е поради ненавремено, немарно несовесно извршување на нејзините работни обврски. Повреда на Судскиот деловник, односно Кодексот за судска етика и сите три потврди се основани. Одлуката е донесена едногласно“,
вели Здравев.
Детали околу случајот со разрешувањето на Неделкова и нејзините тврдења наспроти одлуката на Судскиот совет, прочитајте во линкот во продолжение.