На ВМРО-ДПМНЕ му одговара Венко Филипче да е претседател на СДС. Не им одговара на граѓаните и на државата. Но ако продолжи вака, на добар пат се да се уништат меѓусебно, Венко и остатокот од талогот на СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Не може Венко Филипче да ги обвинува сите за состојбата во која што се наоѓа СДСМ, партијата е во лоша состојба поради него, па се креираат цели опозициски фронтови за тој да се тргне од челната позиција, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштение од владејачката партија наведуваат дека поранешни функционери на СДСМ одамна јавно апелираат дека Филипче треба да се повлече од „тронот во СДС“, но тој поради, како што велат, жед за власт, се уште верува дека има некаков легитимитет да биде дел од политичката сцена.
„Две години како претседател на СДС само шири дезинформации и глупости во јавноста кои немаат никаква врска, кои постојано се демантирани дали од домашни дали од европски институции, две години лута и не може да се помири дека е опозиција и не може ни да ја консолидира партијата за да почнат да се однесуваат како опозиција. Бегаат од работни групи, како таа за Изборниот законик, иако е дел од реформската агенда, бегаат од пратенички прашања или се демантираат самите едни со други во Собрание, и тотално не можат да се помират дека се опозиција и уште живеат во златната ера што за нив беше кога крадеа се и сешто“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Филипче ја држи партијата узурпирана и дека СДСМ нема капацитет да направи нешто добро за државата.
„На ВМРО-ДПМНЕ му одговара Венко Филипче да е претседател на СДС. Не им одговара на граѓаните и на државата. Но ако продолжи вака, на добар пат се да се уништат меѓусебно, Венко и остатокот од талогот на СДС“,
пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера поранешниот потпретседател на СДСМ и еден од организаторите на платформата „Разговори за иднината во 12:05“, Игор Ивановски, кажа дека лидерот на СДСМ и групата околу него станале фракција во партијата. Во изјава за медиумите тој посочи дека на Филипче ќе му достават План за консолидација и структурни промени.
