Државниот јавен обвинител, без да објави детали, рече дека за две дела се сомничи лично Димова, а за другите две со соучесници, за злоупотреба на службената положба и овластување
Тој спомена дека се работи за извлекување на 15 000 евра од касата на Агенцијата
Финансиската полиција најави, а во меѓувреме можеби е и доставена кривичната пријава за злоупотреби во Националната агенција за европски образовни програми каде што директорка е Лидија Димова.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески во интервју за ТВ 24 вечерва кажа дека се работи за четири кривични дела, од кои во две се сомничи лично директорката Лидија Димова, а во две има соучесници.
Со кривичната пријава, според Јовески опфатени се и случајот познат во јавноста како „Фризерница“ и уште други меѓу кои и за, како што рече, извлекување на 15 000 евра од касата на Агенцијата.
Сепак, тој рече дека ова е само кривична пријава, а Обвинителството допрва треба да согледа дали има докази, дали тие докази се доволни и дали ќе отвори истрага.
Се работи за кривични дела за злоупотреба на службената положба и овластување.
Работата на Националната агенција и на Димова изминатиот период е во фокусот на јавноста откако се објавија новинарски написи за тоа на какви проекти се делеле пари.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, исто така, бараше оставка, а Димова, пак, на прес-конференција ги отфрли сомнежите и порача дека нема да се повлече додека не се истражи проневера на 2,2 милиони евра од претходното раководство на Националната агенција.
- ВМРО-ДПМНЕ: Барањето оставка од Димова е театар, треба и кривична одговорност
- ВМРО-ДПМНЕ: Братот на пратеникот од СДСМ, Диме Велковски, добил пари за уште еден проект од агенцијата со која раководи Димова
- Димова не планира оставка, мило ѝ е што и ЕК ќе истражува дали има злоупотреби
Премиерот Зоран Заев пред една недела изјави дека ќе го поддржи предлогот за разрешување на директорката Димова, иницијатива која доаѓа од вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.
По сомнежите во македонската јавност, се огласи и Брисел од каде што соопштија дека Европската комисија ќе ја проверува можната злоупотреба на европските фондови. И домашните органи, Финансиската полиција и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција посочија дека има предистражна постапка.