Јавинот обвинител, Љубомир Јовески, упати задолжително упатство за сите вработени и јавни обвинители во Основните јавни обвинителства Дебар, Кичево и Гостивар со кое се обврзани строго да постапуваат по препораките на Владата и надлежните здравствени органи за време на прогласената кризна состојба.
Повикувајќи се на Законот за јавно обвинителство врз основа на членовите 20 и 25, Јовески, во соопштението посочува дека задолжително е да се дезинфицираат просториите, да се зголеми степенот на хигиена и сите странки и учесници во постапките при влез во објектите да се дезинфицираат.
„Сите закажани странки и други учесници во постапките во ОЈО Дебар се одлагаат на неопределено време. А закажаните постапки во ОЈО Кичево и Гостивар, на странки со живеалишта во Дебар и Центар Жупа, исто така се одлагаат на неопределено време“,
стои во соопштението.
Јавниот обвинител од Дебар со живеалиште во општина Охрид и административниот работник со живеалиште во Центар Жупа да ги извршуваат службените должности од дома.
„ОЈО Дебар ќе ги прима сите кривични пријави, а ќе постапува само по притворски предмети и по кривични пријави за кривични дела и тоа: Пренесување заразна болест по член 205 од КЗ, Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по член 206 од КЗ, Несовесно лекување болни по член 207 од КЗ, Неукажување медицинска помош по член 208 од КЗ, Спречување службено лице во вршење на службено дејствие по член 382 од КЗ, Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста по член 383 од КЗ и Организирање на отпор по член 387 од КЗ“,
се вели во соопштението.
По кривичните пријави за овие кривични дела, странките и другите учесници, влегуваат во Обвинителството со задолжителна здравствена процедура и безбедност определена во мерките на Владата.