Покрај плацевите на Водно, за кои минатата недела обвинителство отвори истрага против поранешниот премиер Никола Груевски, се истражуваат и други недвижности во врска со овој предмет, рече првиот човек на Јавното обвинителство, Љубомир Јовески во гостување на Телевизија 24.
„Обвинителството презема дејствија во насока да се утврдат докази за тие недвижности и овие плацови се замрзнати што значи е забрането нивно оттуѓување и располагање. Тоа се однесува за недвижностите во Скопје. Обвинителството истражува и други околности во врска со овој случај и ќе видиме до какви факти и податоци ќе се дојде во текот на истраната постапка“,
рече Јовески во гостување на ТВ 24.
Во рамки на истрагата за случајот „Плацови на Водно“ минатата недела му беше одреден триесет дена притвор на кумот на Никола Груевски, Ристо Новачевски.
Груевски, според наводите на Обвинителството, си купувал плацови со пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ, додека Новачевски го прикривал сопствеништвото на земјиштето. Станува збор за средства во висина од над 1,3 милион евра за купување земјиште од 11 илјади квадратни метри.
Притворот за кумот на Груевски го побара Обвинителството, откако Новачевски беше осомничен за перење пари и други приноси и беше изведен пред судија на претходна постапка.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска побарала и замрзнување на имотот на Новачевски, додека за Груевски рече дека не е побарано замрзнување на сметките, од причина што тој ги испразнил пред бегството во Будимпешта.