Од опозициската партија не се огласија досега за истрагата што ја отвори Обвинителството за организиран криминал, а се однесува и на злоупотреба на партиски донации во висина од над 1,3 милион евра
Триесет дена притвор му одреди судот на Ристо Новачевски, кумот на Никола Груевски, откако утрово беше приведен во рамки на истрагата што ја отвори Обвинителството за организиран криминал за случајот „Плацови на Водно“, во кој, пак, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ е првоосомничен.
Груевски, според наводите на Обвинителството, си купувал плацови со пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ, додека Новачевски го прикривал сопствеништвото на земјиштето. Станува збор за средства во висина од над 1,3 милион евра за купување земјиште од 11 илјади квадратни метри.
Притворот за кумот на Груевски го побара Обвинителството откако Новачевски беше осомничен за перење пари и други приноси и беше изведен пред судија на претходна постапка.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска побарала и замрзнување на имотот на Новачевски, додека за Груевски рече дека не е побарано замрзнување на сметките, од причина што тој ги испразнил пред бегството во Будимпешта.
Основниот кривичен суд – Скопје денеска го уважи и барањето на Обвинителството за одземање имот заради обезбедување.
„Се определува привремена мерка одземање имот заради обезбедување поради постоење на основано сомневање дека потекнува од перење пари и други приноси од казниво дело од чл. 273 ст. 1 од КЗ, на начин што на правното лице му се забранува отуѓување и располагање со недвижен имот од три катастарски парцели со вкупна површина од над 10 000 квадратни метри во вредност од 1 180 000 евра“,
посочија од Основен кривичен суд-Скопје.
Русковска најави дека повторно ќе иницира екстрадиција на Груевски откако унгарските власти не го испорачаа ниту за да ја отслужи правосилната затворска казна за „Тенк“, ниту за да учествува во процесот за организацијата на настаните во парламентот на 27 април 2017 година, каде што е меѓу обвинетите заедно со поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски.
„Во периодот од 2006 до 2012 година првоосомничениот како претседател на политичка партија дел од паричните средства кои во овој период ги примил лично или преку општинските комитети на партијата како донации за финансирање на политичката партија, не ги прикажал како примени донации во финансиските квартални извештаи на партијата и од нив за себе присвоил пари во износ најмалку од 1 300 360 евра или 79 972 140 денари“,
се вели во соопштението од Обвинителството за улогата на Груевски во предметот „Плацови на Водно“.
Како што се наведува потоа, од октомври 2012 година до септември 2013 година првоосомничениот со овие средства купил градежно земјиште на Водно. Второосомничениот (Сашо Мијалков н.з), пак, иако знаел дека паричните средства се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственик на веќе регистрирана офшор-фирма во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиро-сметката да му бидат дадени на располагање.
Во јули 2012 година била основана фирма ќерка во Скопје на која, по претходен договор со првоосомничениот, станал управител третоосомничениот. На сметката на правното лице во повеќе наврати биле пуштени во оптек средствата прибавени со кривично дело. По постигнување на согласност за купопродажната цена, третоосомничениот во својство на управител на правното лице извршил плаќање кон сопствениците на земјиштето, со што бил прикриен изворот на парите и вистинскиот сопственик на земјиштето со вкупна површина од 11 000 м2.
Во периодот од 20 јули 2015 до 26 јуни 2019 година, по јавно објавените разговори кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели во КО Центар 2, според Обвинителството, за да се прикрие вистинскиот сопственик, третоосомничениот како управител на правното лице, ја пренел сопственоста на друго правно лице. Тој, по претходен договор со првоосомничениот, користејќи полномошно издадено од сопственикот на правното лице од Белизе, ја пренел сопственоста на правното лице чиј управител е петтоосомничениот, а шестоосомниченото лице се јавува како краен сопственик на правното лице. За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот, „новите сопственици“ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6 785 м2 на три нови парцели. За да ја прикријат локацијата и сопственоста, плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена.
На барање на „360 степени“, од ВМРО-ДПМНЕ најавија можен коментар за истрагата со која е опфатен претходниот партиски лидер, а која се однесува на средства што оваа партија ги собирала како донации.
Случајот со плацовите на водно го обелодени актуелниот премиер Зоран Заев, кога, како опозиционер, ги објавуваше снимките од нелегално прислушуваните разговори.
Во однос на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, пак, некогашното СЈО го отвори предметот „Талир“, со кој, во еден дел, е опфатена и изградбата на новото партиско седиште во центарот на Скопје.