Конечно почна судењето што се одолговлекува повеќе од една година за единствениот предмет за кој СЈО подигна обвинение по 30 јуни 2017 година. Одбраната на поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ предложи над 800 сведоци, но судот не ги прифати сите
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска, по околу една година неуспешни обиди, почна судскиот процес за случајот „Талир“, односно за делот што се однесува на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Судењето започна со променет во составот на судечкиот совет, но тоа не влијаеше на постапката бидејќи претходно, во период од една година, сите 16 рочишта се откажуваа, па процесот не беше поместен од стартот.
Претседател на судечкиот совет е судијата Осман Шабани, а обвинителството и одбраната денеска ги дадоа своите воведни зборови.
Експремиерот и бивш лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е првообвинет, но нему му се суди во отсуство бидејќи избега и доби азил во Будимпешта. Покрај него, обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески. Тројцата се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари. На обвинителна клупа се и Илија Димовски и Леко Ристовски само за делото перење пари, а како правно лице осомничена е и партијата. Во случајот обвинета беше и Елизабета Чингаровска, но таа призна вина и доби условна казна.
Воведни зборови на Ленче Ристоска: Финансиска предност од 4,6 милиони евра за ВМРО-ДПМНЕ
На денешното рочиште во воведниот збор обвинителката Ленче Ристоска рече дека ќе докажат како обвинетите презеле низа активности за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, со што оствариле финансиска предност за партијата од околу 4.6 милиони евра во однос на другите партии.
„Со предложените вербални и писмени докази ќе докажеме дека обвинетиот Никола Груевски ја искористил својата позиција во општеството и организирал противправно финансирање на партијата. Во тоа бил помогнат од обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиески“,
рече Ристевска.
Обвинителката посочи и дека ќе докаже оти Илија Димовски и Леко Ристоски организирале уплата на парите од лица со цел да се прикаже дека уплаќаат сопствени пари односно дека станува збор за легитимно финансирање на партијата.
Обвинителката, нагласи, дека ваквите околности ќе ги докажат со искази од предложените сведоци и докази кои ќе бидат презентирани во текот на главната расправа.
Адвокатката на Груевски убедува дека ќе докаже оти тој е невин
Адвокатката, која Никола Груевски ја доби по службена должност, во воведен збор рече дека ќе докаже оти нејзиниот клиент не ја злоупотребил својата позиција и не направил противзаконска финансиска корист за партијата, а тоа ќе го докаже, како што наведе, со фактот дека ВМРО-ДПМНЕ има голем број симпатизери и поддржувачи кои ја финансираат во согласност со Законот за финансирање на политичките партии.
„Ќе докажеме дека е невистинито тврдењето дека тој или друг од партијата користеле противправни начини за финансирање на партијата, преку давање противуслуги на правни лица за давање јавни услуги за централната и локалните власти“,
изјави адвокатката.
Дека ќе докаже оти е невин тврдеше и одбраната на Кирил Божиновски, од каде што најавија дека размислуваат да побараат спојување на овој предмет со случајот „Талир 2“, кој се однесува на изградбата на партиското седиште бидејќи станува збор за слични обвиненија. Адвокатот на Миле Јанакиески, пак, порача дека обвинението воопшто не требало да биде прифатено бидејќи е по истекот на рокот од 18 месеци кој го имаше СЈО, но и затоа што нема опис на делото за кое се товари ексминистерот.
„Божиновски и Јанакиески се обвинети дека помогнале на извршителот Никола Груевски како одговорно лице во политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а диспозитивот на обвинителниот акт никаде не зборува за посебни овластувања и должности кои ги прекршил Груевски за да може вака да се постави обвинението. Па, ако според тој опис Груевски не можел да стори кривично дело за кое се товари, во што тогаш го помагале обвинетиот Јанакиески и Божиновски. Што да ви докажувам со ваков опис, па се гледа дека нема опис и нема дејствие“,
порача адвокатот.
Одбраната тврди дека ќе докаже оти уплатените пари се за членарини и донации и оти ниту Јанакиески ниту Божиновски не се поврзани со нелегално слеани пари во партијата.
Одбраната предложи над 800 сведоци
На својата листа докази на докази одбраната предложи над 800 сведоци, но голем број од нив судот не ги прифати. Во образложението за одбивањето на дел од доказите од судот посочија дека станува збор за сведоци предложени за исти околности и оти сметаат дека тоа е во насока на одолговлекување на судскиот процес.
Бројката на предложени сведоци ја спомена и Миле Јанакиески во своето обраќање пред судечкиот совет.
„Предложените 839 сведоци се повикани во насока да се покаже дека сите уплати се уредно вршени во присуство на сведоци, вработени во банки и членови на месни и извршни комитети. Нашата цел е да покажеме дека ВМРО-ДПМНЕ не се финансира ништо поинаку од другите партии во земјата“,
рече Јанакиески.
Димовски: Ме уценуваа за да гласам за промена на името
Во судница зборуваше и Илија Димовски, кој рече дека по ниту еден закон тој немал позиција на одговорно лице за финансиското работење на партијата ниту, пак, со некој партиски акт имал функција на раководно лице во ВМРО-ДПМНЕ.
„Исто така, ќе докажам, односно обвинителството нема да успее да докаже дека сум организирал уплата на средства, освен кога јас лично еднаш годишно од моја сметка сум вршел уплата на лично средства како членарина и донации на партијата. Дотолку што сите ревизорски извештаи за финансиското работење на партијата ВМРО-ДПМНЕ се позитивни и без ниту една забелешка“,
изјави Димовски.
Тој во судницата излезе и со тврдење дека со овој предмет бил уценуван за да гласа за уставните измени.
„Дополнително последното гласање за уставни промени се случи вечерта на истиот ден, кога изутрината беше објавено одобрувањето на обвинителниот акт од судот. Три дена претходно имаше информација дека е одобрен, на што со своја изјава демантираше претседателот на Судот. Ова е единствен предмет што е двапати одобруван од судот, а јас како неосновано обвинет бев предмет на уцена, односно уценуван, за да гласам за промена на уставното име на Република Македонија. Се надевам дека во текот на судскиот предмет ќе се создадат адекватни правни и политички состојби за сето ова да се докаже“,
изјави Димовски.
На денешното рочиште, на кое и официјално започна судскиот процес, се дадоа воведни зборови, а веќе за наредното на 20 март се најавени и првите сведоци по предлог на обвинителството. Меѓу првите е и бизнисменот Силјан Мицевски.