Во изгаснатите 22 пожари на отворен простор главно биле зафатени сува трева, ниска вегетација и грмушки, но и ѓубре и депонии
До 7:30 часот утринава на територијата на државата не се регистрирани активни пожари на отворен простор – информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Нема ниту пожари под контрола, а 22 пожари се изгаснати.

Изгаснати се пожарите кај селата Глуво, Мирковци и Кучевишка Бара во Чучер Сандево, на улица „Скупи“ во скопски Карпош, кај местото Скопско Поле во Гази Баба, во Стопански Двор во Ѓорче Петров, кај Тумбе Кафе во Битола, на улица „Дебарска“ во Прилеп, кај струшките села Лабуништа, Калишта и Ливада, кај село Мождивњак во Крива Паланка, во близина на ресторанот „Сирач“ во Тетовско, кај село Лешница во Општина Желино, пожарот во Кавадаречко, кај кумановското село Рамановце и населбата Пуковско, во скопски Центар на булевар „Гоце Делчев“, кај депонијата во скопско Арачиново, кај прилепското село Ракле и гостиварското Тумчевиште.
Во пожарите главно биле зафатени сува трева, ниска вегетација и грмушки, но и ѓубре и депонии.
Меѓу изгаснатите пожари е и оној во кавадаречкото село Раец, кој беше активен три дена.
