Според премиерот, републичкиот јавен обвинител треба да биде на располагање во однос на кој било случај, а особено на овој со модуларната болница
Во однос на документите, тој кажа дека оние кои што се однесуваат на тендерската постапка за изградба на модуларните болници се во надлежност на Министерството за здравство, додека вештачењето на германските форензичари е надвор од доменот на Владата, бидејќи е нарачано од Обвинителството. Говорејќи во тој контекст, тој се надоврза и на прашањето за останатите ненаплатени модуларни болници. Неговиот став е дека нивното плаќање треба да биде извршено откако ќе бидат завршени сите правосудни постапки
Пожарот во модуларната болница во Тетово беше најтрагичниот настан во нашата понова историја и вистината треба да ја знаат сите и на вистински начин да се одлучи по однос на кој било предмет, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Ваквиот став тој го изнесе одговорајќи на новинаркси прашања во врска со сознанијата кои ги обелодени Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во документарниот филм насловен „Убиство во Тетово“, кој предизвика лавина реакции во јавноста.
Прашан околу утвдувањето одговорност на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за текот на истрагата за пожарот во модуларната болница, Ковачевски рече дека шефот на Јавното обвинителството е именуван од Собранието и ингеренциите во однос на неговото постапување ги има Законодавниот дом. Според премиерот, Јовески треба да биде на располагање во однос на кој било случај, а особено на овој со модуларната болница.
„Шефот на јавното обвинителство е избран во Собрание и тој е професионалец. Ингренциите во однос на постапувањето на обвинителите, на Советот на обвинителите, оние коишто Собранието ги именува се во рамки на Собранието. Собранието може во било кој момент да постави прашање до секој обвинител, пред сè тука мислам на главниот обвинител во републичкото обвинителство. Сметам дека тој треба да биде апсолутно на располагање во однос на било кој случај, а особено на овој случај“,
изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на компанијата „Дата мастерс“.
Во однос на документите, тој кажа дека оние кои се однесуваат на тендерската постапка за изградба на модуларните болници се во надлежност на Министерството за здравство, додека вештачењето на германските форензичари е надвор од доменот на Владата, бидејќи е нарачано од Обвинителството.
„Дел од документите кои се однесуваат на спроведената постапка во тоа време се во надлежност на Министерството за здравство. Сите тие документи се доставени до надлежните правосудни и истражни органи. Постои друг дел на документација која е нарачана исклучиво од Обвинителството, тоа се однесува на вештачењето кое го споменувате (на германските форензичари). Тоа вештачење не е во домен на Владата, јас го немам видено, така што единствен кој може да даде одговор во однос на тој документ се тие коишто го нарачале и коишто го имаат“,
рече Ковачевски.
Говорејќи во контекст на докуметацијата, тој се надоврза и на прашањето за останатите ненаплатени модуларни болници. Неговиот став е дека нивното плаќање треба да биде извршено откако ќе бидат завршени сите правосудни постапки.
„Тие не се платени бидејќи имаше поранешни министри итн. Претходниот министер за здравство има нарачано ревизија, таа ревизија е доставена до Владата заедно со документите кои се однесуваат на неплатени модуларни болници и сметам дека врз основа на сите тие документи Владата, која е колективен орган, одлучува колективно. Меѓутоа плаќањето на преостанатите ќе може да биде извршено, ова е мој став, кога ќе бидат завршени сите правосудни постапки“,
кажа Ковачевски.
Случајот со пожарот во тетовската модуларна болница повторно стана актуелен во јавноста откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави документарен филм кој открива дека првиот тендер за избор на изведувач на модуларните болници бил поништен поради сомневања на Министерството за локална самоупрва за недоследности во постапката и фаворизирање одредени фирми, по што Владата му ја доверила надлежноста за спроведување на набавката на Министерството за здравство. Лицето кое ја потпишало спорната техничка спецификација, од Министерството за здравство преминало да работи во „Брако“, фирмата која го доби тендерот за изградба на модуларните болници.
Документите што се презентираат во документарецот, како што се наведува, го содржат можеби и најважниот доказ кој покажува дека и Министерството за здравство и изведувачот биле свесни дека објектите се супстандардни. Имено, непосредно по пожарот во Тетово, изведувачот „Брако“ ќе побара од Министерството за здравство повеќе пари за да може да ги зајакне безбедносните стандарди за модуларните објекти кои сè уште се во градба.
Инаку, за модуларната болница имаше судски предмет кој заврши со една ослободителна пресуда за доктор од тетовската болница и условни казни затвор за директорот и економскиот директор. Но, како што се наведува и во документарецот на ИРЛ, ова не бил предмет за причините за пожарот, туку за непостапување според здравствени протоколи.
Вчера во Тетово се одржа протест на кој граѓаните побараа разрешување на државниот обвинител Јовески и правда за жртвите во трагедијата во модуларната болница.
Оставка од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, денеска, побара и Платформата на граѓански организации за борба против корупција поради досегашниот начин на постапување во случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица.
Нивни претставници денеска се собраа пред зградата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија каде што ги кажаа аргументите за ваквото барање, повикувајќи се на наводите во документарниот филм што го објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).