Прашана дали главниот проблем за тргање на бугарското вето за Северна Македонија во ЕУ е впишувањето на Бугарите во уставот на земјава, Јотова рече „не е само тоа“
Во бугарскиот устав нема малцинства и тој почива на целосно друг принцип, на индивидуалното право, а не на колективното. Ние немаме малцинства во нашата земја, тоа така стои во законот, изјави потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, зборувајќи за барањата за признавање на македонските здруженија во Бугарија, при денешната посета на Охрид.
Во однос на тоа дека Бугарија бара признавање на правата на Бугарите во Северна Македонија, додека од друга страна не ги признава правата на Македонците во Бугарија за што има и пресуди од судот во Стразбур, Јотова, рече „ние немаме малцинства во нашата земја, додека кај вас е различно, и како што видовме со последниот попис сте повеќенационална земја“.
„Повеќе години сум работела во Советот на Европа и ЕУ и ќе ви кажам дека тоа што го цитирате од Стразбур, тоа решение е во врска со почитувањето на човековите права и никогаш во него не пишувало дека Бугарија треба да го признае македонското малцинство. Така што, никогаш никој и по никој основ не барал и нема да бара Бугарија да признае, какво и да е малцинство, бидејќи во Стразбур се почитува бугарскиот Устав“,
изјави Јотова.
Јотова порача дека Бугарија ќе продолжи да работи за заштита на правата на бугарските граѓани во земјава и дека Бугарија нема да каже „да“ за членство во ЕУ се додека овие прашања не бидат регулирани. Таа кажа дека застануваат зад Бугарите во земјава, за тие да може да се вработат, да учествуваат на конкурси, да не бидат сегрерирани, само затоа што се Бугари. Во однос на малата бројност на Бугарите во земјава, според најновиот попис, Јотова кажа дека бројките се мали, бидејќи за време на пописот на одредени места, властите им барале на граѓаните со документи да докажат дека се Бугари.
Прашана дали главниот проблем за тргање на бугарското вето за Северна Македонија во ЕУ е впишувањето на Бугарите во уставот на земјава, Јотова рече „не е само тоа“.
„Ако добро го познавате договорот за добрососедство меѓу двете држави ќе видите дека ниту една од точките внатре не е реализиран во пракса веќе 5 години. Ние ги поставивме условите за одредени точки во учебниците зa средно училиште. Историската комисија меѓу двете држави треба тоа да го договори и потоа тоа да биде воведено во учебниците. Второ ние сакаме отворање на архивите и да запре гонењето на лицата само затоа што се Бугари. На трето место, нешто што за мене е многу важно е оштетувањето на спомениците во РСМ. Јас не можам да разберам како во 21 век дури и независно на процесот кон ЕУ, како може да се рушат надгробни плочи, да се оштетуваат споменици само затоа што тие го дале животот, но се од друга држава“,
кажа Јотова и нагласи дека за разлика од нашиот бугарскиот Устав не познава малцинства.
Изјавите на потпретседателката Јотова се по отворањето на Културно информативен центар „Балкански хоризонти“.
Таа утрово положи цвеќе пред спомен обележјето на 15-те бугарски туристи, кои загинаа во бродска несреќа во Охридското Езеро во 2009 година. Го посети и Дневниот центар за деца со аутизам во Охридската болница.
Вчера Јотова, беше дел и од високата бугарска делегација, која присуствуваше на отворањето на клуб во рамки на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола.