На состанокот на 15 октомври што го закажа ДУИ, според изјавата на министерот, ќе се формираат партиските тела и дебата ќе продолжи во партиските структури наместо во јавноста
Јас сум мисионер, а не функционер, е дел од одговорот кој го дава шефот на дипломатијата, Бујар Османи на прашањето дали се чувствува загрозен за неговата министерска функција во Владата поради превирањата во ДУИ.
„Јас сум професионален политичар кој кариерата не ја имал само во владата. Кога не сум бил во владата сум бил во партијата. Тоа што вика Ахмети, јас сум мисионер, не сум функционер. Овие платформи се само начин на изразување на мојата мисија, дали како портпарол, министер, функционер, е всушност една идеја и ние работиме за идејата“,
рече Османи.
Токму извршната власт е онаа кон која „огнената група“ во ДУИ изрази незадоволство во писмото кое беше објавено кон крајот на септември и преку кое јавно побара лидерот Али Ахмети да го зачува единството, да се отвори внатрепартиска дебата за надминување на состојбата и да се даде отчет од носителите на извршната власт. Тие го апострофираа првиот вицепремиер Артан Груби како најодговорен за состојбите и реагираа дека во партијата не постојат и не се формираат статутарните партиски органи, дека политичкото одлучување станало индивидуално, како и дека не постои дебата и консултација со базата.
По ова Ахмети одржа состаноци со ограноците кои изразија револт, а партијата закажа и состанок на 15 октомври.
На тој состанок, според денешната изјава на Османи, ќе се случи токму тоа што се барало – формирање на партиските тела во кои ќе се префрли дебатата, наместо истата да се води пред јавноста.
„Тоа што се одлучи е дебатата од јавност да се префрли во партиските тела и тоа ќе се случи на 15 октомври, ќе се формираат партиските тела во кои ќе продолжи оваа дебата која е израз на демократската пракса и слободата во партијата секој да си ги изрази своите мислења и мислам дека тоа е здраво за секоја партија и секое општество“,
рече Османи.
На оваа тема денеска коментираше и премиерот Димитар Ковачевски кој рече дека нема најави од ДУИ оти ќе има измени во владиниот состав на кадри од оваа партија.