Задачата на втората техничка влада во Бугарија оваа година ќе биде одржување предвремени парламентарни и редовни претседателски избори, закажани за 14 ноември
Бугарскиот претседател Румен Радев повторно го назначи пензионираниот генерал Стефан Јанев (61) за премиер на техничката влада, која е втора по ред, откако ни по изборите во јули ниту една партија не успеа да формира влада.
Задачата на втората техничка влада во Бугарија оваа година ќе биде одржување предвремени парламентарни и редовни претседателски избори, закажани за 14 ноември.
Бугарите веќе двапати гласаа на парламентарните избори оваа година, но ниту еден обид на длабоко поделените партии да формираат влада не даде резултати.
Претседателот Румен Радев денеска изјави дека времената влада е успешен пример, чекор напред во надминување на политичките предрасуди кои го запираат развојот на земјата. Тој ја пофали дека ја вратила довербата во институциите.
Првпат во поновата историја на Бугарија, преодна влада ја предаде власта на преодна влада. Во новиот кабинет, има три нови имиња – за министер за финансии, економија и за транспорт.
На почетокот на својот говор, претседателот ги наведе политиките што ги презема техничкиот кабинет и курсот што ќе продолжи.
„Времената влада одржа фер избори, го намали купувањето гласови. Владата го надмина олигархискиот модел на влада, беззаконието на големите инфраструктурни проекти, спречи многу корупциски шеми и се спротивстави на моделот на поробена држава. Постигнат е рекорден економски раст – во приходи и обезбедена е историски ниска невработеност. Владата ја интензивира социјалната политика за најранливите, ги подобривме пензиите. Планот за закрепнување се подобрува“,
рече Радев.
Вчера старо-новиот технички премиер Јанев, во отчетот рече дека техничката влада успеала да го заштити бугарскиот национален интерес во надворешната политика, особено во однос на Северна Македонија.
„Демонстриравме дијалог. Направивме се што е потребно. Ние ја аргументиравме нашата позиција пред нашите европски партнери, така што овој тип на однесување се заснова на принципиелна позиција, бидејќи зборуваме за нашето заедничко европско семејство. Кабинетот достојно го бранеше националниот интерес на Бугарија и претпоставувам дека во наредните месеци следниот кабинет ќе има слично однесување“,
изјави Јанев на прес-конференција на која тој даде отчет за работата на техничкиот кабинет.