„Иранското оружје игра клучна улога во дестабилизацијата на нашиот свет, а меѓународната заедница мора да ги научи своите лекции, сега и во иднина“, рече израелскиот претседател Исак Херцог кој во моментов е во посета на Вашингтон
Израелскиот претседател Исак Херцог, кој во моментов е во посета на Вашингтон, рече дека со американските власти споделил разузнавачки информации за употребата на ирански беспилотни летала од страна на Русија во нападите врз Украина.
Претседателот Херцог вчера разговараше со државниот секретар Ентони Блинкен за време на посетата на Вашингтон, а за денеска е закажана средба и со претседателот Џо Бајден, јави „Франс 24“.
„Иранското оружје игра клучна улога во дестабилизацијата на нашиот свет, а меѓународната заедница мора да ги научи своите лекции, сега и во иднина“,
рече Херцог.
„Светот мора да зборува со Иран на ист јазик – цврст, обединет и бескомпромисен“,
додаде тој.
Во соопштението од канцеларијата на Херцог се вели дека тој ќе сподели фотографии кои според Израел покажуваат сличности меѓу дроновите соборени во Украина и делови тестирани во Иран во декември 2021 година.
Блинкен, на почетокот на состанокот со Херцог, рече дека Соединетите Држави и Израел стојат заедно против опасните, дестабилизирачки и тероризирачки акции што ги презема Иран.
„Обезбедувањето беспилотни летала од Иран за Русија за да се овозможи понатамошна агресија против Украина и украинскиот народ покажува ужасни резултати на теренот во Украина“,
рече Блинкен.