Само неколку месеци пред избори, израелскиот премиер веројатно нема да сака да прави отстапки
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли планот од 15 точки на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, наведувајќи дека нема да се случи повлекување на војската сè додека Хамас не биде „вистински“ разоружан.
Одборот за мир на Трамп минатиот месец соопшти дека постигнал договор за „целосно разоружување“ на Хамас и другите вооружени групи во Газа.
Но, Хамас велат дека предавањето на тешкото оружје зависи од тоа дали Израел ќе ги прекине „сите форми на агресија“ и дали ќе ги повлече своите сили од Газа.
Израел продолжи да изведува напади врз Газа иако се согласи на почетен прекин на огнот на територијата минатиот октомври.
„Израел го отфрла документот од 15 точки. Израелската војска нема да изврши никакво повлекување сè додека Хамас не биде навистина разоружан и ќе продолжи да ги спречува заканите против нашите сили и нашите граѓани“,
кажал Нетанјаху на состанок на кабинетот.
Трамп минатиот месец објави „монументален чекор кон траен мир и безбедност“ откако Хамас соопшти дека прифатилe план за разоружување на Газа.
Но, Нетанјаху рече дека Хамас морал да се разоружа пред Израел да ги повлече своите сили од Газа, додавајќи дека тоа не може да биде некакво „фиктивно разоружување“.
Тој рече дека сега е во дискусија со американски претставници за тоа како да се продолжи понатаму.
Само неколку месеци пред израелските избори, тамошниот премиер веројатно нема да сака да прави отстапки, анализира „Би-Би-Си“.
Тој се соочи со повици од неговите крајно десничарски сојузници да одржи ново гласање во кабинетот и да го прекине планот за Газа, вклучувајќи го и министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир, кој го отфрли нацртот како „неприфатлив“.
Тоа сигнализира уште еден удар за мировниот план на Трамп за Газа, кој беше објавен во септември минатата година. Планот вклучуваше создавање на Одбор за мир за да го надгледува спроведувањето на договорот, како и разоружувањето на Хамас, повлекувањето на израелските трупи и обновата на Газа.
