Со оглед дека високоразвиените технолошки средства, како принтери и софтвери, се достапни, измамниците се спремни да произведат квалитетни фалсификати и лажни документи за потврди за негативен тест за ковид-19, предупредува Европол.
Во предупредувањето, Европол ги повикува и земјите-членки да ги споделат сите информации кои ги имаат за криминални активности поврзани со лажни документации за тестирање за ковид-19.
Тие велат дека висока е веројатноста криминалците да дејствуваат со оглед дека сè уште се на сила ограничувањата на патувањата поради пандемијата односно тоа што голем број земји бараат од патниците при влез да приложат негативен тест.
Европол споделува и дека досега се откриени неколку групи кои се занимаваат со продажба на фалц документација. Една од нив е во Париз, кај аеродромот „Шарл де Гол“, друга во Велика Британија каде се продавале лажни потврди за 100 фунти (113 евра), како и во Шпанија каде минатиот месец бил уапсен измамник кој продавал лажни резултати од тестови за 40 евра.
Лажните потврди за тестови, не се новина ниту за македонските власти. Денеска МВР информираше дека на граничниот премин „Деве Баир“ биле фатени шест лица со фалсификувани негативни ПЦР-тестови. Полицијата утврдила дека нивните тестови не биле издаде од соодветна клиника, им ги одземе, исто како и мобилните телефони и пасошите.