На граѓничниот премин „Деве Баир“ се фатени шест лица со фалсификувани негативни ПЦР-тестови. Како што информира Министерството за внатрешни работи, околу 15 часот, шест лица, од кои пет од Скопје и еден од Кавадарци, биле лишени од слобода.
Се работи за Л.А.(46) и Н.А.(46), двајцата од Скопје, Л.Д.(22) од Кавадарци, Б.М.(21), С.М.(22) и Б.К.(24), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, фалсификување исправа и употреба на исправа со невистинита содржина.
„При извршени проверки, било утврдено дека нивните ПЦР-тестови не биле издадени од соодветна клиника. Одземени биле вкупно шест ПЦР-тестови на нивно име, шест мобилни телефони, како и нивните патни исправи со потврда за привремено одземени предмети“,
информира МВР.
Лицата заедно со одземените предмети биле предадени во полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.