На трета позиција се Зелените, а потоа следуваат eкстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД), Партијата на слободни демократи (ФДП) и Левица
Во 18 часот гласачките места во Германија беа затворени, со што се појавија и првите предвидувања за изборните резултати. Според податоците објавени од Дојче веле и Билд, социјалдемократите и демохристијаните ја делат првата позиција со 25 проценти.

Зелените се на третата позиција со 15%. Екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД) и Партијата на слободни демократи (ФДП) следуваат со по 11%, а Левица е со 5%.
Според ЗДФ, пак, СПД е во водство 26 наспроти ЦДУ/ЦСУ со 24 отсто, трети се Зелените со 14,5%, а потоа следуваат ФДП со 12%, АФД со 10% и Левица со 5% од гласовите.

Во меѓувреме, се појавија и споредби на изборните резултати сега и во 2017 година кои изгледаат вака:
СПД – 26% во 2021 година – 20,5% во 2017 година
ЦДУ – 24% (2021) – 32,9% (2017)
ФДП – 12% (2021) – 10,7% (2017)
AФД – 11% (2021) – 12,6% (2017)
Левица – 5 % (2021) – 9,2 % (2017)
Медиумите јавуваат за атмосферата во изборните штабови, при што се вели дека демохристијаните се прилично депресивни и незадоволни, додека во изборните штабови на социјалдемократите владее еуфорија по затворањето на избирачките места. Кај Зелените првите резултати се дочекани со музика.
ФОТО: ЕПА ФОТО: ЕПА ФОТО: ЕПА
Околу 60,4 милиони Германци денеска гласаа за идниот состав на парламентот и индиректно идниот канцелар, кој ќе ја наследи Ангела Меркел.
Главната битка е меѓу конзервативните демохристијани (ЦДУ и ЦСУ) и социјалдемократите (СПД), кои во моментов заедно формираат голема црно-црвена коалиција, и опозициските Зелени. Тие три партии се единствените кои, надевајќи се на победа, официјално предложија свои кандидати за канцелар.
Кога се очекуваат резултатите?
Прво се пресметуваат прелиминарните резултати од гласањето. По затворањето на избирачките места започнува рачно пребројување на гласачките ливчиња, по што податоците се пренесуваат до општината.
Оттаму, тие се соопштуваат телефонски или електронски на окружно ниво, потоа до администрацијата на федералните провинции, а потоа ги испраќаат информациите до Берлин, каде што се наоѓа канцеларијата на претседателот на Федералната изборна комисија.
Дури утре навечер властите веќе ќе можат да ги објават официјалните прелиминарни резултати од изборите. Оваа година, поради пандемијата на ковид-19, беше овозможно да се гласа и по пошта.
Утврдувањето на официјалните конечни резултати почнува од утре и трае повеќе од две недели.
Поврзана вест: