Бугарскиот министер побара од медиумите да не се фокусираат на изјавите на овој пратеник туку на она што го смета мнозинството од бугарското општество и политичарите во Бугарија

Бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков, денеска на прес-конференција во Скопје со својот колега Бујар Османи, рече дека изјавите на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов не се национална позиција на Бугарија и побара медиумите да не се фокусираат на него.
„Јас сум сосема категоричен дека Костадин Костадинов не ја изразува националната позиција на Република Бугарија и нејзината влада и мојот апел кон медиумите во Македонија е да не се концертира вниманието врз политичарите кои даваа такви крајни изјави. Важен е официјалниот став на Бугарија и многу ќе се радуваме ако вие го истакнувате на граѓаните тоа што го мисли мнозинството од општеството и политичарите, а не некои луѓе што користат такви трибини за да ги истакнат своите политички внатрешни цели“,
изјави Милков.
Костадинов кој е и лидер на националистичката бугарска партија Преродба, претходниот месец во два наврати зборуваше дека Македонија е втора бугарска држава на Балканот. Една од изјавите ја даде среде Скопје каде што на 24 ноември присуствуваше на отворање на Културно-информативниот центар на Бугарија.
За ваквите изјави остра реакција имаше и од македонското МНР кое имаше и вербална нота до Софија, а премиерот Димитар Ковачевски порача дека Костадинов не е пожелен во нашата држава и не мора доаѓа.
*Поврзани вести:
- МНР со нова вербална нота до Софија откако бугарски пратеник изјави дека „Македонија е бугарска“
- МНР ги осуди изјавите на бугарскиот пратеник кој денеска и од Скопје порача дека сме втора бугарска држава
- Ковачевски за бугарскиот пратеник Костадинов: Не е пожелен во нашата држава и воопшто не мора да доаѓа