Лидерот на опозициската СДСМ рече и оти се подготвува нов пакет за проширување на ЕУ кој Македонија не смее да го испушти и го повика Мицкоски да објасни што за него значи национално обединување, категорично отфрлајќи можност за влез на СДСМ во широка влада
Геополитичката ситуација создава нов моментум за проширување на Европската Унија и државата не смее да ја пропушти оваа историска шанса, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Коментирајќи го последниот предлог на германскиот канцелар Фридрих Мерц, Филипче оцени дека тоа е јасен доказ за економската и безбедносната потреба на самата Унија да прими нови членки.

Според него, првпат по речиси 15 години и влезот на Хрватска, сега повторно се создава нов пакет за проширување во кој веќе напредуваат Црна Гора и Албанија, а активно се споменуваат и Молдавија и Украина.
„Очигледно е дека има движење и ние не смееме да го испуштиме тој воз. Тоа што треба да го направиме е веќе на маса. Ние можеме да се обединиме само околу тоа што треба да се направи за да ги почнеме преговорите со ЕУ и да ги отвориме поглавјата. Сè друго е само изговор“,
вели тој.
Одговарајќи на прашања за можниот национален консензус кон кој повикуваат и тој и премиерот Христијан Мицкоски, Филипче дефинираше дека за СДСМ вистинско обединување значи носење на уставните измени, бидејќи тие не претставуваат никаков ризик за идентитетските одредници. Тој го прозва премиерот, тврдејќи дека и самиот Мицкоски е свесен за неминовноста на овој чекор.
„Нека каже премиерот што е за него национално обединување. Ако мисли дека ќе ја продава приказната дека е голем патриот и дека се бори за некакви замислени национални интереси, без да објасни што е тоа што би било загрозено за време на европскиот пат и преговорите, тогаш нека го каже тоа јасно. Јас досега не сум слушнал вистински контрааргументи“,
кажа Филипче.
Лидерот на СДСМ категорично ги отфрли обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека опозицијата застапува туѓи или бугарски позиции и потенцираше дека внесувањето на Бугарите во Уставот е исклучиво европско барање, додека интегрирањето во ЕУ е врвен македонски државен интерес. Кажа и оти СДСМ како конструктивна опозиција е подготвена да сподели одговорност за иднината на државата, но децидно потенцираше дека тоа во никој случај не значи нивно учество во некаква широка влада.
