Европскиот фронт е отворен за сите политички партии, независни кандидати, учесници во изборите кои се залагаат да градиме општество кое доликува на современите демократии, општество интегрирано во Европската Унија за подобар и попросперитетен живот на сите наши граѓани, вели поранешниот премиер и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, на прашање дали очекува крилото на Зијадин Села во Алијансата за Албанците да се приклучи кон Европскиот фронт. Во интервју за „Слободен печат“ Ковачевски потенцира дека тие се отворени за секој кој се стреми кон европската иднина на земјата.
„Ние и сега сме во коалиција со партиите кои се за продолжување на европските интеграции на државата и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Тој европски фронт функционира во македонското Собрание. Ако забележувате секогаш зборувам за суштината, а не за формата. Изборниот настап е одлука на органите на партиите, дали ќе се оди на заеднички листи, дали на листи коишто претставуваат традиционални коалиции, на коалициски партнери, сè тоа ќе биде одлука на партиите. Но, на крајот политичката понуда се сведува на два блока од кои едниот ќе биде проевропски, другиот антиевропски. Едниот за напред, другиот за враќање во ходниците на црното минато“,
порачува Ковачевски.
Во однос на изборот за претседателски кандидат Ковачевски вели дека до крајот на месецот ќе биде познато името.
„Постапката за утврдување кандидат досега се одвива во рамки на партијата на едно исклучително високо демократско ниво. Задоволен сум од тоа што освен степенот на демократија во рамки на процедура имаме повеќе предлози, одговорни личности, со кредибилитет, со високи морални норми. Очекувам на крајот на овој месец да финишира оваа постапка, а потоа и да го објавиме пред граѓаните и да ја побараме нивната поддршка. Две работи се сигурни. Кандидатот ќе ја има најшироката поддршка од политичките партии и граѓанските организации, поединци и секако од граѓаните. Тоа ќе биде идниот претседател на државата кој во следниот мандат заедно со проевропските сили, со проевропската влада, со мене како иден премиер ќе работи на полноправно членство во ЕУ.
На прашањето колку пратенички места планира да освои и дали ќе се повлече од претседателската функција во партијата ако СДСМ изгуби на парламентарните избори, Ковачевски е уверен дека ќе се врати на премиерската функција.
„Јас ќе бидам повторно премиер и проевропската влада која ќе ја предводам ќе биде онаа влада која ќе обезбеди членство за земјата во ЕУ до 2030 година. За формирање на влада согласно важечките закони во земјата, потребно е мнозинство од 61 мандат, а СДСМ и проевропската коалиција ќе имаат и многу повеќе пратенички места, што ќе обезбеди и продолжување на европскиот пат, но и непречено спроведување на политиките кои ќе значат подобар живот за граѓаните. Погледнете што сè постигнавме изминативе години дури и во услови на активна блокада на Собранието од страна на опозицијата“
вели Ковачевски.