Само што се отвори кампањата почнаа да пристигнуваат пофалби за својот кандидат и обвинувања за противкандидатот
Изборите за градоначалници во општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа ги ставија двете најголеми партии во предизборен амбиент.
Централите на партиите работат под полна пареа и се вложуваат во овие избори. Само што се отвори кампањата почнаа да пристигнуваат пофалби за својот кандидат и обвинувања за противкандидатот. Претходните два круга гласање во овие општини, во октомври лани и неколку месеци подоцна, немаше доволно излезени граѓани на гласање за да може да се изберат градоначалници.
Денеска со соопштение излегоа и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Опозиција е сигурна дека Маврово Ростуше ќе одбере промени, а не како актуелниот градоначалник од СДСМ кој злоупотребува позиции и овластување. СДСМ, пак, упати прашање до кандидатот Мевмед Џафери дали се согласува со тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека пријателите од ЕУ се нацисти.
„Маврово Ростуше ќе одбере промени, а не како актуелниот градоначалник од СДСМ кој злоупотребува позиции и овластување. Медат Куртовски од СДСМ од Маврово Ростуше направи поле за дивоградби. Криминалот стана негово второ име. Дивоградбите кои го загрозуваат и националниот парк мора да станат минато. А, со СДСМ тие ќе продолжат. Затоа неопходни се промени“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека праксата за криминал, дивоградби и злоупотреби на позиции завршува затоа што Маврово Ростуше ќе избере промени.
„Д-р Мевмед Џафери, кој е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за градоначалник на претстојните избори ќе ги предводи промените. Доктор Џафери е човек од народот, за народот. Маврово Ростуше ќе добие нов лик, а промените ќе значат и функционална и услужна локална самоуправа за граѓаните, голем број на ифнраструктурни проекти и борба за инвестиции кои ќе значат отворање на нови работни места. Маврово Ростуше заслужува подобро од Медат Куртовски. Маврово Ростуше ќе избере промени“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ во своето соопштение го праша кандидатот Мевмед Џафери дали се согласува со тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека пријателите од ЕУ се нацисти.
„Кандидатот за градоначалник на Маврово и Ростуше од ВМРО-ДПМНЕ Мевмед Џафери треба да одговори дали се согласува со ставовите на партијата чиј што кандидат е дека нашите пријатели од ЕУ се нацисти? Дали и тој по урнек на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ има заверено некаква изјава на нотар и доставена до Христијан Мицкоски?
се вели во соопштението од СДСМ.
На крајот, дали е сигурно дека Џафери е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ затоа што го нема ниту него, ниту кој било друг член на ИК, освен самиот Мицкоски?
На 20 август граѓаните на Маврово и Ростуше ќе изберат нивната општина да продолжи по вистинскиот пат, да продолжи со развојот, предводена од Медат Куртовски и советничката група на СДСМ и коалицијата“,
На истиот датум и во Тетово ќе има избори, но таму ќе има вонредните избори за советници во Советот на Општина Тетово. Изборите за советници во Тетово се одржуваат откако доскорешните не успеаја до 31 март годинава да ја усвојат завршната општинска сметка согласно членот 75 од Законот за локална самоуправа.