Само 172 апликации дошле од Србија и 58 од Романија
Само 328 лица од Северна Македонија се пријавиле да гласаат на парламентарните избори во Бугарија што ќе се одржат на 4 април.
Според податоците што ги објави бугарската Централна изборна комисија, најмногу од пријавените од нашата земја се од Охрид (99), потоа се Струмица (65) и Штип (61), додека од Скопје има 52, а од Битола 51 регистриран гласач.
Рокот за пријавување на бугарските државјани од странство, кои сакаат да учествуваат на парламентарните избори во Бугарија, истече синоќа во 23 часот.
Вкупно се пријавиле 87 216 лица кои ќе можат да гласаат во амбасадите и конзулатите на Бугарија во странство.
Според бугарскиот весник „Сега“, бројката на пријавени за гласање од дијаспората е рекордна, ама изненадувачки е малиот број на пријавени во соседните балкански земји.
„Во Северна Македонија, со која се влошени билатералните односи поради спорните историски прашања, се пријавија само 328 лица (помалку од 422 во далечната Австралија). Само 172 апликации дошле од Србија и 58 од Романија“,
наведува весникот.

Најмногу пријавени има во Турција – 20 854, Велика Британија – 16 159 и во Германија – 13 493. Во Шпанија за гласање се пријавиле 7 743 бугарски државјани, во САД – 5 030, Италија – 2 719, Австрија 2 114, Холандија 2 025, Франција 1 949 и Грција 1 941.