Одговарајќи на новинарско прашање од кои институции најчесто чекаат одговори, појасни дека станува збор за наредби и барања што Обвинителството ги испраќа до различни институции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи (МВР), Управата за финансиска полиција, банки и други правни и физички лица
Само 16 отсто од поднесените кривични пријави во 2025 година останале нерешени во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), додека 84 отсто се нерешени предмети кај други институции од кои се чекаат одговори за да се постапува, изјави шефот на ова обвинителство, Ислам Абази, при презентацијата на годишниот извештај пред Советот на јавни обвинители.

Одговарајќи на новинарско прашање од кои инститции најчесто чекаат одговори, Абази појасни дека станува збор за наредби и барања што Обвинителството ги испраќа до различни институции, меѓу кои до Министерството за внатрешни работи (МВР), Управата за финансиска полиција, банки и други правни и физички лица.
„До повеќе институции се пратени барања. Секако дека и од МВР се чека за определени предмети, да постапуваат и да ни достават одговори, во зависност од тоа што бараме од нив“,
вели тој.
Според него, со МВР имаат секојдневна комуникација, при што околу 90 отсто од кривичните пријави во државата доаѓаат токму оттаму.
„Министерството е наш најголем сојузник и партнер со кој сме во постојана или секојдневна комуникација. Како што видовте од извештајот, над 90 отсто од поднесените кривични пријави и во нашето и во обвинителствата во целата држава, како подносител се јавува МВР“,
вели тој.
Во однос на критиките од власта за работата на ОЈО ГОКК, Абази нагласи дека не коментира политички изјави, додавајќи дека надзор над нивната работа врши Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Советот на јавните обвинители.
Во однос на „шпионската афера“, Абази рече дека МВР изготвило извештај, но се побарани дополнителни податоци и насоки, по што се очекува нов одговор од Министерството.
За предметите „Бехтел и Енка“ и „Соравија“, информира дека и двата случаи се во предистражна постапка и дека се чекаат одговори од институциите, вклучително и барања за меѓународна правна помош.
Во однос на предметот „Бехтел и Енка“, посочи дека од страна на јавен обвинител е издадена наредба до Министерството за внатрешни работи и дека по неа се постапува.
„МВР, имаме информации и сознанија дека интензивно постапуваат по овие наредби. Кога ќе ги добиеме одговорите, како обвинителство ќе бидеме во можност да донесеме одлука“,
вели Абази.
Што се однесува до предметот „Соравија“, додаде дека е поднесено барање за меѓународна правна помош што е во Соединетите Американски Држави (САД), од каде сè уште се чека одговор.
„Мислам дека сè уште немаме одговор оттаму. Откако ќе ни биде одговорено, јавниот обвинител ќе процени дали постојат услови за донесување одлука или ќе треба да се преземат дополнителни дејствија“,
рече тој.
Во однос на предметот поврзан со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Абази соопшти дека до судот се поднесени девет предлози за замрзнување на имот и 17 барања за блокада на сметки на физички и правни лица.
