Од Онкологија потврдуваат дека во текот на вчерашниот ден, поради обилните врнежи, било регистрирано протекување на вода на нивото -1, каде што е лоциран Одделот за радиотерапија и додаваат дека исклучувањето на апаратите било превентивна мерка

Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија преку соопштение дава појаснување за состојбата на Клиниката откако денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) алармираа дека по вчерашното невреме има поплава со фекалии и радијациски ризик во објектот.
Од Клиниката уверуваат дека безбедноста на пациентите во ниту еден момент не била загрозена и дека состојбата е целосно ставена под контрола.
Од Онкологија потврдуваат дека во текот на вчерашниот ден, поради обилните врнежи, било регистрирано протекување на вода на нивото -1, каде што е лоциран Одделот за радиотерапија и додаваат дека исклучувањето на апаратите било како превентивна мерка.
„По санирањето на протекувањето, просториите беа исчистени и дезинфицирани, а апаратите беа проверени од овластени лица. При проверките не беше утврден никаков дефект. По завршените проверки, радиотерапевтските третмани продолжија кај сите пациенти“,
соопштуваат од Клиниката.
Во однос на обвинувањата за бункерот со радиоактивен јод, од Клиниката објаснуваат дека навистина било забележано протекување во таа просторија, но реакцијата на персоналот била брза и пациентите биле превентивно и безбедно преместени во друга соодветна просторија во рамките на самата Клиника.
Во координација со Институтот за нуклеарна медицина и Дирекцијата за радијациона сигурност веднаш биле извршени детални мерења кои потврдиле дека нема никаква радиоактивна контаминација.
Оваа реакција на Клиниката следува по прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која претходно алармираше за „една исклучително сериозна ситуација која претставува директна закана по здравјето и безбедноста на пациентите и медицинскиот персонал“. Опозициската партија тврди дека на Онкологија избила канализација и дека поплавувањето на оловниот бункер со јод создава сериозен радијациски и биолошки ризик за Скопје.
