Актуелниот претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Ралповски, е единствениот кандидат за претседателската позиција на КСС, каде што денеска на конгрес се избира новото раководство
Ралповски пред почетокот на конгресот посочи оти членството е очигледно задоволно од она што се случувало изминатите години за време на неговиот мандат и додава дека Синдикатот е издигнат на повисоко ниво, а работниците имаат поголема верба во него
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска на конгрес го избира новото раководство, а единствен кандидат за претседател е актуелниот претседател на Конфедерацијата, Благоја Ралповски.
Тој пред почетокот на конгресот посочи оти членството е очигледно задоволно од она што се случувало изминатите години за време на неговиот мандат.
„Мислам дека го издигнавме синдикатот на едно повисоко ниво и докажавме дека синдикалното организирање не е мртво, туку напротив го оживеавме и работниците се повеќе веруваат во синдикатот“,
изјави Ралповски.
Она што останува предизвик за новото раководство на синдикатот ќе биде обесштетувањето на синдикалниот имот, борбата за почитување на законите и колективните договори и решавање на судските спорови за работни односи во разумен рок.
„Споровите траат предолго. Работниците се заморуваат и финансиски се исцрпуваат. Затоа, бараме од Владата, пред сè судските спорови од работен однос да бидат судени во разумен рок, односно согласно Законот – шест месеци на првостепен суд и три месеци на второстепен суд“,
истакна Ралповски.
Инаку, претседателот на КСС се избира на конгрес и има мандат од пет години со можност за реизбор.
И покрај новото раководство кое треба да се избере денеска, Синдикатот останува на истиот став дека Законот за административни службеници е потценувачки и оти со него ќе нема зголемување на платите, а и понатаму бара усогласување на останатите плати со порастот на минималецот.