Назначувањето на Боцевски се случува на безмалку половина од шестмесечното претседавање на Унгарија со Советот на ЕУ кое почна на 1 јули, а ќе заврши на 31 декември годинава
Ивица Боцевски излегува од политичката сенка во која беше во периодот додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција. Владата на денешната седница донела одлука за негово назначување за специјален претставник за унгарското претседателство со ЕУ.
Тоа се случува на безмалку половина од шестмесечното претседавање на Унгарија со Советот на ЕУ кое почна на 1 јули, а ќе заврши на 31 декември.
Политичката кариера на Боцевски е поврзана и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше дел од тимот на Минчо Јорданов додека беше вицепремиер во владата на Владо Бучковски од 2004 до 2006 година.
По доаѓањето на Никола Груевски на власт, Боцевски во одреден период е портпарол на владата, а потоа и вицепремиер за европски прашања.
По изборот на Ѓорѓе Иванов за претседател на државата тој станува негов советник, а потоа, со указ на Иванов е пратен за амбасадор во Бразил. Во последните неколку години Боцевски беше активен како колумнист и ководител на радиоемисии во кои често се критикуваше власта на СДСМ и ДУИ.
Боцевски се спротивстави на т.н француски предлог и учествуваше на протестите против неговото прифаќање.
Боцевски отворено застана зад кандидатурата на Гордана Сиљановска-Давкова за претседател. По нејзината победа Боцевски се спомнуваше како можно советничко решение во претседателскиот кабинет.
Неофицијално, Боцевски е можен иден амбасадор на Северна Македонија во Унгарија, но финална одлука не е донесена.
Во изминатиот период новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ презеде неколку чекори со кои се најавува зајканување на економското присуство на Унгарија во Северна Македонија како што е кредитот од половина милијарда евра од владата на Виктор Орбан и потпишувањето меморандум за разбирање со унгарскиот телекомуникациски оператор „4iG“.