Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска смета дека изјавата на сега поранешниот директор на ИЈЗ Скопје, Арбен Зибери е неетичка во изборна кампања.
Таа ја коментираше изјавата на Зибери дека тој извршил влијание во Комисијата за заразни болести за да се отворат границите, со цел да се вратат иселениците и да гласаат на изборите за премиер Албанец, поради што тој денеска беше разрешен од министерот за здравство Венко Филипче поради пласирање неточни информации во јавноста и доведување во прашање на кредибилитетот на здравствените институции во борбата со коронавирусот.
„Таквото однесување не е ниту долично, ниту морално, ниту етичко. Со ова се доведуваат во прашање одлуките на самата комисија, дали членовите се потпирале на здравствените параметри или правеле политички калкулации. Сето тоа фрла една дамка за однесувањето на политичарите. Ова не смее да се дозволи и треба да се санкционира. Комисијата за заразни болести треба да работи самостојно, без некој да ѝ влијае“, рече Ивановска во емисијата „Евро фокус“на Телма.