Италијанскиот анестезиолог Кристијан Салароли од болницата „Папата Јован“ од Бергамо испрати драматични апели до граѓаните на Италија во однос на коронавирусот. Во интервју за „Кориер Дела Сера“ тој раскажува дека ситуацијата е слична како во војна и дека мора да одлучуваат кого ќе лекуваат, а кого не.
Областа каде што се наоѓа Бергамо е едно од првичните жаришта на коронавирусот во земјата, а капацитетите во болницата каде што тој работи се речиси исцрпени.
„Тешко е, но ние сме во ситуација да мораме да правиме избор, во зависност од возраста и здравствената состојба. Исто како во воени ситуации, според прирачник за воени ситуации“,
рече тој.
Салароли вели дека не сака да крева паника кај населението, но апелира до сите да останат дома.
„Останете дома. Останете дома. Неуморно ќе го повторувам ова. Гледам премногу луѓе на улиците. Најдобар одговор на овој вирус е да не се движите премногу и да се мешате во поголеми групи на луѓе. Не можете ни да замислите што сè може да се случи. Затоа, останете дома“,
рече тој.
Хирургот Даниел Мачини, кој работи во болницата „Хуманитас“ исто така во Бергамо, преку отворено писмо објавено на својот профил на Фејсбук ги објаснува проблемите на лекарите и останатиот медицински персонал во Италија.
„Долго размислував дали и како да го напишам ова што ни се случува. Но, почувствував дека тишината не е одговорна. Ќе се обидам да го опишам ова што ние го доживуваме во Бергамо во екот на пандемијата со која се соочуваме. Да ви пренесам вам кои не сте вклучени во нашата професија и сте далеку од реалноста. Го разбирам моментот да не се создава паника. Но, буквално се ежам кога пораката не стигнува до луѓето, а гледам голема негрижа во однос на препораките за однесување во вакви ситуации“,
вели Мачини во своето воведно обраќање.
Чувството на страв, додава Мачини, додека го чекал повикот од лабораторијата за да му ги соопштат резултатите од првиот можен заразен со коронавирус во Бергамо, е смешно во споредба со сегашната состојба на земјата.

„Војната буквално експлодираше и битките се водат непрекинато и дење и ноќе. Несреќни луѓе постојано доаѓаат на одделот за итна помош. Сите поминале една недела или десет дена дома со висока температура, без излегување, за да не го шират вирусот. Но, веќе не можат да издржат, не дишат доволно, им треба кислород. Стигнуваат до потребата од болнички кревет. Одделите кои се испразнија, повторно се полнат со голема брзина. Се менуваат плочките на кои ги пишува имињата од пациентите, сега сите се со црвена боја. Наместо хируршки операции, сега дијагнозата е секогаш иста“,
додава Мачини.
Тој апелира и до оние нестрпливите, кои велат дека им се скратени секојдневните навики и не можат да посетат театар, концерт или спортски настан.
„Обидете се да бидете емпатични кон бројните повозрасни луѓе кои можете да ги убиете. Знам дека не сте вие виновни, но ве молам, послушајте нè и напуштајте ги своите домови само во итни случаи“,
вели тој.
Ги советува да не одат масовно по супермаркети, бидејќи и тогаш можат да бидат изложени на зараза од луѓе кои не знаат дека се заразени.
„И да. Јас и моите колеги сме изложени на ризик, иако имаме средства за заштита. Некои од нас веќе се заразија и покрај протоколите. Некои од нив ги заразија и членовите на своите семејства, а од нив пак, дел се борат за живот“,
додава тој.
Неговто писмо на Фејсбук досега е споделено повеќе од 30 илјади пати, а голем број од италијанските граѓани му се заблагодаруваат за советите кои им упатува на сограѓаните.
Италија сега е целосно во карантин, а на граѓаните им е дозволено да се движат само ако имаат итни здравствени или професионални обврски.