Во рок од 24 часа во Италија се потврдени нови 529 лица кои се позитивни на коронавирусот. Според податоците до 18 часот денеска, во Италија вкупно има 10.149 заразени лица.
Досега како резултат на коронавирусот таму се починати 631 лице од кои 168 во последните 24 часа. Од вирусот во Италија се излекуваа 1004 лица.
Од вчера, италијанскиот премиер Џузепе Конте одлучи да ги засили мерките против ширењето на коронавирусот и прогласи карантин на ниво на целата држава.
„Се забранува движење на жителите, освен ако станува збор за ‘докажани професионални обврски’ или за ‘сериозни семејни и здравствени потреби’“,
пишува во владината одлука.
На над 60 милиони жители на Италија, движењето им е ограничено, доколку не се утврди дека имаат неопходна потреба за тоа.
„Секој оној што сака да се движи треба да има добра причина за тоа. Немаме повеќе време. Потребни се радикални и тешки мерки“,
изјави премирот Конте.
Премиерот Конте оцени дека Италија го преживува својот најмрачен момент, но изрази увереност дека доколку се почитуваат правилата земјата ќе ја надмине ситуацијата.
„Ова е нашиот најмрачен час, но ќе го надминеме“,
изјави Конте за италијанскиот весник „Република“.
Тој ги повика сите региони ефикасно да ги спроведуваат мерките на Владата. Преку „GoFundMe“ кампања во Италија се собрани четири милиони евра за локалните болници.
Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 118.002 луѓе заразени со новиот коронавирус. Од нив починале 4.264 лице, а 65.103 оздравеле.
Само три држави во Европа досега немаат ниту еден случај на зараза, а тоа се Црна Гора, Турција и Косово. Во Србија пак, е потврден петтиот случај на Ковид-19. Во Хрватска потврдени 15 случаи на заразата. Властите во Република Српска донесоа одлука за затворање на сите училишта на тоа подрачје и забрана за одржување масовни собири. Словенија забрани собири со над 100 луѓе во затворен простор и ги забранува слетувањата на авиони кои доаѓаат од ризичните подрачја.
Во следните 14 дена се затвораат сите образовни институции во Грција, превентивно, за да се намали ширење на коронавирусот. Американската држава Њу Џерси пријави прв смртен случај од коронавирус. Прв случај на заболен од Ковид-19 регистриран во Демократска Република Конго.
Бројот на заразени од коронавирусот во Албанија се зголеми на 10 лица, потврди албанското Министерство за здравство.
Според Меѓународниот Совет на Аеродроми за европскиот регион (АЦИ Јуроп) епидемијата на коронавирусот ќе значи опаѓање на бројот на патници за 13,5 отсто во првиот квартал од годината. Европските аеродроми очекуваат 187 милиони патници помалку годинава поради епидемијата на Ковид-19, која според нивната оценка се „претворила во шокантни размери, без преседан за таа индустрија“.