Не е јасно дали илјадакратниот скок на нивото на антитела добиен во лабораторијата ќе се појави и во реалниот живот, но сепак истражувањето покажува дека една доза е доволна за значително зголемување на нивото на имунолошкиот одговор
Во светот веќе неколку месеци како се спроведува вакцинацијата против ковид-19, но за разлика од охрабрувачките трендови на намалување на заразените на крајот на минатата и самиот почеток на оваа година, веќе од минатиот месец кривата повторно почна да оди нагоре. Трет бран, новите мутации или непочитување на мерките, сеедно за која причина се работи, експертите се согласни дека вакцинацијата мора да продолжи со многу позасилено темпо.
Паралелно со испитувањата дали актуелните вакцини кои беа развиени во многу краток период дејствуваат и на новите многу позаразни и полесно преносливи мутации. Медицината работи и на тоа кој и кога треба да се вакцинира, односно дали оние што прележале ковид треба да се вакцинираат или не.
Новите студии покажуваат дека една доза од вакцина може значително да го засили нивото на антитела кај оние што прележале ковид-19.
Но и натаму дилемата е дали овие луѓе сепак треба да се вакцинираат?
Колку антитела се доволни?
Две нови студии од минатиот месец јасно одговараат на оваа прашање со „да“.
Всушност, истражувањето сугерира дека за овие луѓе е доволна само една доза од вакцината за целосно ставање во функција на нивните антитела и уништување на коронавирусот – па дури и кај некои позаразни мутации.
Резултатите од овие нови студии се во согласност со наодите на две други истражувања објавени во изминатите неколку недели. Истражувањата сугерираат дека луѓето што имале ковид-19 треба да бидат имунизирани – но притоа само една доза од вакцината може да биде доволна.
„Мислам дека е навистина цврсто образложението, зошто луѓето што прележале ковид треба да вакцинираат“,
вели Џенифер Гомерман, имунолог од Универзитетот во Торонто, која не била вклучена во новото истражување.
Имунолошкиот одговор на една личност на природна инфекција е многу променлив. Кај повеќето има големи количини антитела кои траат со месеци. Но, оние што имале благи симптоми или воопшто немале симптоми имаат малку антитела, кои брзо паѓаат на незабележливи нивоа.
Најновата студија, која сè уште не е објавена во научно списание, анализира примероци од крв кај луѓе што имале ковид-19. Откритијата сугерираат дека нивниот имунолошки систем ќе има проблеми со одвојување на B.1.351, или јужноафриканската мутација на коронавирусот.
Но, една доза од вакцината на „Фајзер/Бионтек“ или „Модерна“ значително ја сменила сликата, односно ја зголеми количината на антитела во нивната крв за илјада пати, објаснува Ендру Т. Мекгваер, имунолог од „Фред Хачинсон“ – Центар за истражување на рак во Сиетл, кој ја водеше студијата.
Вака преплавени со антитела, примероците од сите учесници може да ја неутрализираат не само, јужноафриканската мутација туку и коронавирусот што ја предизвика епидемијата на САРС во 2003 година.
„Крвта земена околу две до три недели по вакцинирањето покажа значителен скок во количините на антитела во споредба со примероците собрани пред вакцинацијата. Истражувачите сè уште не знаат колку ќе трае зголемената количина на антитела, но се надевам дека ќе траат долго“,
вели д-р Мекгваер.
Истражувачите, исто така, забележале зголемување на имунолошките клетки кои се сеќаваат и се борат против вирусот, односно според него, „изгледа мошне јасно дека нивниот веќе постоечки имунитет е зајакнат“.
Лабораториско тестирање и реалноста – има ли разлика?
Во друга нова студија, истражувачите од Универзитетот во Њујорк откриле дека втората доза на вакцината воопшто не додава поголема корист за луѓето што имале ковид-19 – феномен што е забележан и кај вакцините за други вируси.
Во таа студија повеќето луѓе биле заразени со коронавирус осум или девет месеци порано, но видоа дека нивните антитела се зголемиле за сто до илјада пати кога им била дадена првата доза на вакцина. Сепак, по втората доза нивото на антитела не се зголемило повеќе.
„Тоа е вистински доказ за јачината на имунолошката меморија што се создава со единичната доза која доведува до огромно зголемување на антителата“,
вели д-р Марк M. Малиган, директор на Центарот за вакцини „Лангоне“ и водечкиот автор на студијата.
Тој и другите истражувачи се обидуваат да ги убедат научниците од Центрите за контрола и превенција на болести да препорачаат само една доза за оние што закрепнале од ковид-19.
Но, не е јасно дали илјадакратниот скок на нивото на антитела добиен во лабораторијата ќе се појави и во реалниот живот. Сепак, истражувањето покажува дека една доза е доволна за значително зголемување на нивото на антитела.
Затоа, идеално е тие луѓе да се следат по првата доза во случај да им опадне нивото на антитела по неколку недели или месеци.