„360 степени“ разгледуваше 14 пресуди за сообраќајни незгоди кои завршиле со смртен исход. Во сите пресуди кои ги разгледувавме обвинението е за истото кривично дело како и во случајот со „Млечен“, а обвинетиот/обвинетата признале вина. Само во 5 случаи е изречена затворска казна и тоа највисоката е една година зад решетки
Гнев, неверување и разочараност се емоциите кои ги исполнија срцата не само на семејството Димитриевски, туку и на целата јавност откако се дозна дека виновникот за сообраќајката кај „Млечен“ доби само условна казна и покрај тоа што во несреќата загина 32-годишно момче, а неговата бремена сопруга го загуби плодот и доби тешки повреди.
Преживеаната Наташа Димитриевска веќе најави битка и со судијката и со обвинителката во случајот, во потрага по правда за случајот кој и ги одзеде сопругот и нероденото дете.
Во обид да погледнеме подалеку од емоциите, „360 степени“ нурна во архивата на пресуди на Кривичниот суд – Скопје кои се однесуваат на сообраќајни незгоди во кои има човечки жртви, а во кои виновникот, како во случајот на „Млечен“, признал вина.
Најсторогата казна што ја најдовме е една година затвор.
Секој случај е посебен
Првиот заклучок до кој не доведе разгледувањето на пресудите е дека нема два идентични случаи, односно дека секој е случај сам за себе. Низ вообичаено сувиот правнички речник се испреплетуваат различни судбини, како на оштетените така и на виновниците.

Сепак, оставајќи ги на страна другите елементи, пресудите кои ги разгледувавме ги поделивме на две групи, според една клучна околност – дали за сообраќајката со смртоносни последици бил виновен само обвинетиот или удел во несреќата имал и починатиот.
Од седумте случаи во кои барем мала вина имал и загинатиот, на пример, пешак кој се движел по коловоз, обвинетиот возач бил казнет со затворска казна само во еден случај. Сите други се условни осуди.
Од седумте случаи во кои нема никаква вина на загинатиот, тројца обвинети добиле условни осуди. Останатите четворица добиле затворски казни, при што највисоката е од една година.
Усмртил пешак на пешачки и добил условна казна
Атанас Трајковски од Скопје, пензионер, вдовец и татко на три деца, на 5 мај 2015 година ја управувал својата „Шкода“ на улица „Бутелска“. Возел со 41 км/ч, што е значително поспоро од тогаш дозволените 60 км/ч на тоа место. Но, кога се приближил на еден од пешачките премини, не го видел пешакот М.К. Жртвата починала три часа по приемот во болница, а предметната судијка Добрила Кацарска пресудила условна казна затвор од две години, односно истата казна како во случајот „Млечен“.
Образложението на судијката за условната осуда содржи пошироко објаснување. Високо го ценела фактот што возачот признал вина, но навела и дека возачот возел трезен, дека возилото било исправно, дека не возел брзо, а и дека имал здравствени проблеми.
Сепак, дала условната осуда иако судот констатирал дека „возачот… имал направено пропусти кои резултирале со сообраќајната незгода, а пешакот немал направено пропусти во предметната сообраќајна незгода“.

Целата пресуда, може да ја преземете подолу.
Усмртила возач на мотор и добила условна казна
На 3 јуни 2014 година болничарката во Клиничкиот центар – Скопје, Б.Ѓ., го управувала своето возило „Застава 101“ во главниот град. На крстосницата меѓу улиците Адолф Циборски и Ванчо Мицков, иако немала предност, влегла во крстосницата со возилото при што удрила во Д.Ц. кој возел мотор „кимко“. Три дена подоцна мотоциклистот починал во болница.
Судијката Љубинка Башеска, која го водела предметот, одлучила обвинетата да ја казни со условна казна затвор од две години, истата санкција како и во случајот на „Млечен“. Причините се што обвинетата признала вина, покажала каење за време и по настанот, а била и мајка на две деца која „битно придонесува за издржувањето на членовите на нејзиното семејство“.
Во пресудата има и подолг пасус за исказот на обвинетата пред судот.

Целата пресуда може да ја прочитате подолу.
Усмртил пешак на пешачки: 6 месеци затвор
На 7 мај 2018 година или само пет месеци пред кобната сообраќајка кај „Млечен“, судијата Илија Трпков одлучувал по обвинителен предлог на ОЈО Скопје против Р.А. од Скопје. Кривичното дело кое му се ставало на товар е речиси идентично на делото кое му се става на товар на осудениот Васил Чорбаџиев за сообраќајката кај „Млечен“ – “Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот” од член 300 став 4 од Кривичниот законик.
Осудениот Р.А., една година пред судењето, возел со својот „Фолксваген Пасат“ по булевар. Иако се приближувал до пешачки премин, тој не ја намалил брзината и не ги пропуштил пешаците, при што, како што пишува во пресудата:
„…со предниот десен дел од возилото кое го управувал удрил во пешакот – оштетениот Г. М., кој како пешак попречно ја поминувал коловозната лента од бул…, движејќи се по обележаниот пешачки премин од десно кон лево гледано во насока на движење на ПМВ „Фолксваген Пасат“ СК …, од кој удар сега покојниот Г. М. задобил повреди во предел на тилната регија од главата изразени во вид на нагмечно – расцепни рани и крвни подливи, линиско скршување на базата на черепот во предел на задна черепна јама, крварење под тврдата мозочна обвивка и под меките мозочни обвивки, нагмечување на мозокот и мозочниот мост, слупување со крвна подлиеност на поткожно масно ткиво во предел на задната страна од градниот кош, крвен подлив и крвна подлиеност на поткожното масно и мускулно ткиво во предел на предно – внатрешната страна од левата потколеница и крвна подлиеност на површната мускулатура во предел на левата потколеница од надворешната страна, а негмечувањата на мозокот, довеле до нарушување и прекин на функцијата на мозочните центри и последователно настапување на смртен исход кај сега покојниот Г. М.“,
пишува во пресудата за к.бр. 50/18.
Обвинетиот не го негирал делото, туку ја признал вината. Неговиот бранител го замолува судот да има во предвид дека Р.А. е неосудуван, татко на две полнолетни деца, оженет и дека обвинетиот постојано мисли на настанот. Р.А., вели неговиот застапник Димитар Дангов, „е лојален граѓанин на оваа држава, кој небрежно само во еден миг од критичниот ден не ги испочитувал сообраќајните прописи“.
На тоа се надоврзал и обвинетиот Р.А.:

Судијата ги ислушал страните и одредил казна. За усмртен пешак кој поминувал на пешачки премин, возачот добива шест месеци казна затвор.

Целата пресуда подолу.
Усмртил 11 годишно девојче на пешачки: една година затвор
Највисоката казна која ја најдовме меѓу пресудите на Основниот кривичен суд Скопје е против Р.В. од Скопје. На 24 октомври 2015 година тој управувал товарно возило „ДАФ“, влекач со приколка. Приближувајќи се кон пешачки премин со светлосна сигнализација, тој не го запрел возилото на начин со што ќе им дозоли на пешаците кои веќе почнале со движењето да го преминат коловозот. Жрвата била 11-годишно девојче.
Семејството на жртвата побарало од судијата Седат Реџепагиќ да досуди построга казна бидејќи е изгубен млад живот. Судијата го земал тој факт предвид, но ги земал и олеснителните околности во прилог на обвинетиот.
„Судот ги имаше во предвид околностите дека обвинетиот е со нарушена здравствена состојба, има проблеми со срцето… фактот дека обвинетиот е единствен кој е одговорен за економската егзистенција на неговото потесно семејство со кое живее, дека е татко на дете со умерена попреченост во психо-физичкиот развој, со целосна одземеност на функцијата на двете нозе, со тумор и циста на мозокот и со постојано користење на инвалидска количка, а грижата за детето е целосно на сопругата“,
се вели во пресудата.
На крај, пресудата на судијата била една година затвор и една година забрана за управување на возило од „Е“ категорија, по отслужувањето на затворската казна.
Целата пресуда можете да ја преземете подолу.
Усмртил пешак на необолежано место за преминување – условна казна
Дека секој случај е различен покажува и пресудата против возачот Срѓан Стојановиќ. Во сообраќајната незгода во која тој учествувал, вината не е само негова.
На 10 април 2018 година управувал возило на регионалниот пат Скопје-Велес. Во близина на една од крстосниците по патот, не забележал кога пешакот Тодор Божиновски почнал да го минува коловозот на необележано место.
„Поради што со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот… од кој удар се задобил со тешка телесна
пишува во пресудата к.бр. 161/19.
повреда изразена во вид на крварење под мозочните обвивки од трауматски тип како и повреди распоредни во предел на левата страна на телото и тоа левото рамо, левата страна на главата, градниот кош и долните екстремитети, со скршување на коските од левата нога, на мозокот се констатирани нагмечувања, како и постоење на внатремозочното крварење, кои повреди во пределот на главата довеле до нарушување и престанок на работата во виталните мозочни центри со што настапил смртен исход кај сега покојниот оштетениот Тодор Божиноски”,
Но, во овој случај во пресудата нема информација дека Стојановиќ сторил и друг прекршок, на пример, дека возел побрзо. Напротив, прегазениот Божиновски бил возрасен човек, кој слабо гледал и слушал, а токму возачот веднаш го однел во болница и останал со него.
Сепак, судот решил да му досуди две години условна казна на Стојановиќ, исто како и за виновникот кај „Млечен“.

Целата пресуда е на линкот подолу.
Условна за усмртен пешак кај „Сити мол“ кој претрчал преку коловозот
На 11 август 2017 година Шаќир Шаќири од Скопје го управувал своето возило „Фолксваген Бора“ на булеварот „Партизански одреди“. Кога дошол во близина на „Сити мол“, не обрнал внимание на пешаците кои почнале да чекорат по коловозот, а притоа го управувал возилото со 67 км/ч, наместо дозволените 50 км/ч.
За разлика од случајот кај „Млечен“, според пресудата, возачот Шаќири не направил друг прекршок освен што возел пребрзо, но и тоа било доволно за трагичен настан. Поради брзината, не забележал пешак кој тргнал да го претрчува коловозот на необележано место (83 метри од пешачки премин). Ударот бил смртоносен, а судот му досудил две години условно, ако не го повтори делото во следните 5 години.

Целата пресуда подолу.
Во сообраќај лесно се гине, но за грешките тешко се оди во затвор
Сите наведени примери, како и останатите пресуди кои ги разгледуваше „360 степени“, говорат дека судиите, генерално, тешко изрекуваат затворски казни за сообраќајни незгоди, дури и кога има смртни последици, под услов обвинетиот да признае вина.
Дури и во случаите кога жртвата не направила ништо погрешно, казните се исклучително благи. Различни судии на ист начин високо го ценат признавањето на вина и однесувањето на местото на несреќата и барем според казните, не го гледаат затворот како соодветна санкција.
Наташа Димитриевска веќе ја најави својата борба против судијката и обвинителката за нејзиниот случај, во кој го загуби сопругот и плодот, а виновникот доби условна осуда. Архивата на судот покажува дека, најверојатно, ќе си има работа со цел воспоставен вредносен систем во судството.
Подолу, можете да ги спуштите сите 14 пресуди кои ги разгледуваше „360 степени“, по случаен избор од судската интернет архива.