Истрагата за 59-годишникот е поведена за кривично дело – убиство, а ќе одговара и за обид за убиство, како и за недозволено држење оружје, велат од Јавното обвинителство
На 59-годишен жител на тетовското село Челопек одреден му е 30-дневен притвор, а Основното јавно обвинителство Тетово донесе и наредба за спроведување истражна постапка против него, информираат од Обвинителството.
Педесет и деветгодишникот вчера, во селото Челопек, лиши од живот две лица, а се обидел да убие уште четири лица од истото семејство.
„Осомничениот се сретнал со оштетените кога излегле во дворот на куќата и започнал расправија за пат кој го користеле заеднички и за кој и претходно имале несогласувања. По расправијата, осомничениот извадил пиштол кој го поседувал без дозвола и започнал да пука кон оштетените. Едниот од нив возвратил со истрели од огнено оружје за кое имал дозвола, но осомничениот ги лишил од живот двајцата оштетени – татко и син“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Осомничениот, се додава во соопштението, потоа продолжил да пука и кон останатите четири лица нивни роднини, нанесувајќи му огнострелни повреди на еден од нив.
Кога на местото пристигнале припадници на СВР Тетово осомничениот давал отпор и не сакал да се предаде, но бил совладан и лишен од слобода, велат од Обвинителството.
„Истрагата за 59-годишникот е поведена за кривично дело – убиство, а ќе одговара и за обид за убиство, како и за недозволено држење оружје“,
се додава во соопштението.
За случајот со двојното убиство, кое се случи вчера, од СВР тетово рекоа дека двајцата убиени се татко и син на возраст од 52 и 28 години. Во пукањето е повреден и 54-годишник. Сите тројца, како што објави Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово, му биле роднини на осомничениот 59-годишен убиец. Сите живееле во истото село.
Од СВР Тетово соопштија дека осомничениот, кој, исто така, се здобил со повреди од огнено оружје, бил приведен во полициска станица и пренесен во болницата во Тетово каде што му била укажана лекарска помош.