Од Секторот за внатрешни работи Тетово за „360 степени“ рекоа дека полициски службеници го лишиле од слобода лицето И. И., на возраст од 60 години, за кого во 14:10 часот било пријавено дека со огнено оружје усмртил двајца соселани и роднини и ранил едно лице
Нерасчистени семејни имотни односи, според првичните сознанија на полицијата, се причината за двојното убиство што денеска се случи во тетовското село Челопек, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој, одговарајќи на новинарско прашања за време на работната посета на ЕВР Гази Баба, попладнево изјави дека полицијата работи на целосно расчистување на настанот и најави оти очекува наскоро да имаат подетални информации.
„Во моментов колегите работат на расчистувањето на овој настан. Станува збор за некакви нерасчистени имотни односи во едно семејство. Тоа се првичните сознанија коишто ни ги пратија колегите од терен. Очекуваме дека наскоро ќе се заокружи целиот тој процес и ќе имаме детални информации во однос на настанот“,
рече министерот за внатрешни работи, Спасовски.
Како што веќе објавивме, денеска околу 14 часот во тетовското село Челопек се убиени две лица, а едно е повредено.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово за „360 степени“ рекоа дека полициски службеници го лишиле од слобода лицето И. И., на возраст од 60 години, за кого во 14:10 часот било пријавено дека со огнено оружје усмртил двајца соселани и роднини и ранил едно лице.
Според првичните информации, повреден е и самиот осомничен, најверојатно од огнено оружје.
На местото на настанот покрај полициски и екипи на Итната помош, излезен е и јавен обвинител кој врши увид.